Подобро од ЛЕД? Во Русија е направена револуционерна „вечна“ светилка

Таа е сигурна, трајна и посилно свети од која било друга светилка што во моментов може да се најде на пазарот. Освен тоа, доколку дојде до масовно производство, ќе биде поевтина.
ЛЕД-светилките ги осветлија нашите животи релативно неодамна како поефикасна алтернатива на старите инкандесцентни светилки. Но, изгледа дека и ним им стаса конкуренција. Истражувачите од Московскиот физичко-технички институт (МФТИ) и од Физичкиот институт „Лебедев“ при Руската академија на науките направија прототип на катодолуминисцентна светилка. Оваа технологија се проучува од осумдесеттите години на минатиот век, но без успех – сè досега.
Новата светилка е направена во Русија и се потпира на феноменот на автоелектронска емисија и функционира на истиот принцип како и старите телевизиски апарати: со помош на катодни цевки. Оваа технологија има голем број предности, велат нејзините креатори. Може да емитува светлина со која било боја (од црвена со ултравиолетова) и функционира во речиси сите услови.


„Се обидовме светилката да ја ставиме во течен азот на минус 180 степени според Целзиус и продолжи да работи! Потоа ја загреавме до 300 степени Целзиусови и исто така продолжи да работи“, вели професорот Евгениј Шешин, заменик-шеф на катедрата за вакуумска електроника на МФТИ, кој беше на чело на истражувачкиот тим.
Катодолуминисцентната светилка која во Русија го доби прекарот „Шешинова ламба“ не губи ефикасност со текот на времето и нема рок на траење. Доколку се произведува масовно би била поевтина (околу 30 рубли или 0.47 американски долари) и би работела до 10.000 часа. Ова изгледа малку во споредба со ЛЕД-светилките, кои имаат проценето траење од 50.000 часа, но во практика ЛЕД-светилките многу побрзо го губат сјајот.
„За разлика од ЛЕД-светилките, на нашата светилка не можат да ѝ попречат високите температури. Може да се користат онаму каде диодите брзо го губат својот сјај, како што се вградливи ламби на плафон, каде не постои доволно ладење“, вели коавторот на проектот Дмитриј Озол од катедрата за вакуумска електроника на МФТИ.


Шешиновата ламба е исто така еколошки почиста алтернатива во однос на ултравиолетовите флуоросцентни цевки кои наскоро ќе бидат забранети во рамките на Минамата конвенцијата на Обединетите Нации за жива. Како што објаснува Михаил Данилкин од Физичкиот институт „Лебедев“ при РАН, некои индустрии кои користат светилки со жива за стерилизација на вода и дезинфекција на воздухот, на пример, можат да бидат многу бавни.
„Русија не е единствената земја која е заинтересирана за катодолуминисцентната технологија. И во САД имаше обиди за масовно производство на вакви светилки, но, како и старите телевизори, тие беа кабести и потребно беше многу време за катодата да се загрее до работната температура, што ги одбиваше потрошувачите. Шешиновата ламба, меѓутоа, не бара никакво загревање, а освен тоа, технолошки е понапредна и поевтина во производството“, вели професорот Шешин. „Оваа технологија е наш ноу-хау, никој друг во светот не ја поседува“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.