Пожарот во Радовиш се шири, се бара во гаснењето да се вклучат и војници

Пожарот на планината Готен, меѓу селата Покрајчево и Злеово во општина Радовиш, се уште гори и се шири кон општина Василево, информира градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.
Од вчера се ангажирани и хеликоптери на Армијата во гаснењето на пожарот, а од денеска градоначалникот Конзулов бара да се вклучат и војници, покрај екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП “Национални шуми“ од подружниците во Радовиш, Струмица, Штип и Кочани, како и пожарникари од ТППЕ Радовиш.
– Мора да се вклучат и војници, бидејќи овој пожар почна да се шири кон територијата на Струмичкиот регион, односно кон општина Василево. Пожарот е голем, а ситуацијата е многу сложена поради непристапниот терен, рече градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов.
Тој додаде дека имаат сознанија оти пожарот постојано се потпалува од страна на неодговорни граѓани. До сега во пожарот, кој гори десетина денови, изгореа околу 200 хектари нискостеблеста шума.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.