Пожарот што во доцните попладневни часови се прошири во областа Сринџин навлезе во куќите во северниот дел на сплитската населба Жрновница, соопшти пожарникарскиот оперативен центар на сплитската жупанија.
„Ситуацијата е многу сериозна, пламенот е навлезен меѓу куќите во северниот дел на Жрновница и пожарникарите прават напори да го локализираат“, изјавија за Хина од противпожарната станица, пренесе Јутарњи лист.
На местото на пожарот се испратени пожарникари од интервентните противпожарни станици од Задар, Сплит и Шибеник, а ангажирани се и пожарникари од окрузите Лика-Сењ, Шибеник-Книн и Задар и од градот Загреб, соопшти Хрватското противпожарно друштво.
На терен се повеќе од 130 пожарникари. Новинарите од Слободна Далмација сведочеа на терен дека сѐ повеќе туристи ги напуштаат становите во Жрновница и блиското место Подстрана во страв од ширење на пожарот.
Читателите од Жрновница испратиле драматични информации дека горат маслинови насади, а мештаните земале моторни пили и сечеле дрвја околу куќите за да не се прошири пожарот, јавува Слободна Далмација.
Полицијата се стационирала во близина на поранешниот каменолом Лавчевиќ, во месноста Жмињача, така што практично е невозможно да се влезе во местото од правец на Сплит.
Пожарот на отворен простор во месноста Жрновница што избувна синоќа од удар на гром во попладневните часови се разгоре, а од „Далмација Данас“ известуваат дека патот е затворен, жителите носат маски, а повеќето ги напуштиле своите домови.