Синоќа околу 23:10 часот, во небодерот „Вјесник“ на Славонска авенија во Загреб избувна пожар , а како што се ширел вертикално, зафатил неколку ката и покривот, поради што голем број пожарникари биле вклучени во неговото гаснење. Во моментот на пожарот, според досегашните информации, во зградата немало никој.
Пожарот го гаснат 93 пожарникари со 30 возила.
„Пожарот е сè уште активен и се шири низ структурните отвори. Поради зголемената опасност, пожарникарите се повлечени од внатрешноста“, соопшти Јавната противпожарна станица на градот Загреб.
Причината за пожарот е сè уште непозната.
Снимките од местото на настанот покажуваат дека целата зграда е во пламен
„Добивме пријава околу 23 часот. Интересно е што имаше само една пријава од граѓани. Инаку, секогаш добиваме многу пријави во случај на големи пожари. Три возила од најблиската станица отидоа да интервенираат. Сите пожарникари на градот Загреб беа на местото на овој пожар. Може да се претпостави дека ќе го ставиме пожарот под контрола во текот на денот. Но, ќе биде потребно време“, рече Синиша Јембрич, командант на Јавната противпожарна станица на градот Загреб, пренесува 24sata.hr .
Сцените се ужасни, а градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, утрово дојде пред зградата на Вјесник.
„Постојано се пали на различни катови. Се гаси одвнатре и однадвор. Не е познато која е причината, има некои сомнежи, но истрагата ќе ја утврди. За жал, штетата е целосна. Мнозински сопственик на зградата е државата, градежните инженери ќе треба да видат дали објектот е за рушење или ќе се гради одново“, рече Томашевиќ.
Засега нема опасност од колапс, додаде тој.
„Најважно е што нема жртви и најважно е безбедноста на пожарникарите“, додаде тој.
Томашевиќ додаде дека причината за пожарот сè уште не е позната: „Постојат одредени сомнежи, но ќе се спроведе истрага“.
The post Пожар го зафати облакодерот Вјесник во Загреб цела ноќ, паѓаат остатоци, сцените се ужасни: „Штетата е тотална!“ appeared first on Во Центар.



