Покрената истрага против италијанската премиерка Џорџа Мелони

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека римското обвинителство покренало истрага против неа, бидејќи ја олеснила репатријацијата на либискиот воен водач Осама Ал Масри, кој беше обвинет за воени злосторства од Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг.

Џорџа Мелони изјави дека во истрагата биле вклучени и италијанските министри за внатрешни работи и правда, Матео Пјантедоси и Карло Нордио.

Италијанската влада е изложена на критики од опозицијата, организациите за заштита на човековите права и МКС, бидејќи Ал Масри беше ослободен на формална основа, откако беше уапсен во Торино.

Џорџа Мелони изјавила дека претпоставува дека истрагата е покрената врз основа на барање на опозициски политичар, пренесува АП.

Ал Масри беше уапсен на фудбалски натпревар на 19 јануари, ден откако МКС издаде налог за негово апсење, а два дена подоцна ја напушти Италија со владин авион.

Џорџа Мелони изјави дека налогот за апсење е издаден откако Ал Масри пристигнал во Италија, додека претходните 12 дена ги поминал во три европски земји.

Според неа, меѓународната потерница не била проследена до Министерството за правда, што го налага законот, поради што апелациониот суд во Рим одлучил да не го потврди апсењето.

Во тој момент Ал Масри беше слободен на територијата на Италија. Наместо да го ослободиме, решивме веднаш да го избркаме од безбедносни причини, што се прави во слични случаи, изјави Џорџа Мелони.

Според обвинението на МКС, Ал Масри е одговорен за убиства, тортура, силување и сексуални злосторства во либискиот затвор Митига од 2015 година.

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.