Холандскиот премиер Марк Руте ќе биде следниот генерален секретар на НАТО, откако сите 32 членки на алијансата се согласија дека премиерот во заминување ќе го наследи досегашниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, објави денеска Политико.
Веста доаѓа откако романскиот претседател Клаус Јоханис објави дека ја повлекува кандидатурата за генерален секретар на НАТО и дека неговата земја ќе ја поддржи кандидатурата на Руте.
НАТО го избира шефот на Северноатлантската алијанса врз основа на консензус, а 29 земји-членки веќе го поддржаа Руте како наследник на Столтенберг, додека Унгарија, Словачка и Романија беа последни кои се спротивставија на оваа опција.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, прво го поддржа Руте како кандидат за нов генерален секретар, опишувајќи го како „многу силен кандидат“.