Центарот на Париз буквално гори од протестите против поскапувањето на горивото и економските политики на претседателот Макрон, па полицијата употреби солзавец и воден топ против демонстрантите. Околу 30.000 демонстранти го повикаа Макрон да поднесе оставка, откако цената на дизелот во последните 12 месеци скокна за 23 насто.
-Мала група луѓе прави проблеми. Ние само сакаме да го искажеме нашето право на протест, немаме намера да се тепаме со полицијата, изјави жител на Париз.
Откако демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон, поставен за да се заштитат знаменитостите во центарот на градот протестите на авенијата “Елисејски полиња“ станаа насилни. Стравувајќи дека протестите би можеле да бидат злоупотребени од крајната десница Градот распореди повеќе од 3.000 полицајци, а истовремено властите им забранија да се собираат на некои локации.
Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер ја обвини лидерката на крајната десница Марин Ле Пен за насилствата.
-Таа ги повика луѓето да дојдат на Елисејските полиња и видовме ултрадесничари како поставуваат бариери. Совршено ја предвидовме ситуацијата, изјави Кастанер, со кого се согласија и мирните демонстранти.