Помалку ли се вредни за премиерот децата на самохрани родители, деца кои ги растат баба и дедо, деца во згрижувачки семејства, деца без браќа и сестри?

*Објава на Фејсбук на Ема Нешковска

Не сите деца можат да имаат дада и бато!

Додека ги прелистував вестите на Фејсбук, ми се отвори видеото во кое премиерот на нашата земја, пред неколку дена, им раскажува на младите од УМС дека во новите читанки веќе немало да пишува: „јас, мама и тато“, туку ќе пишувало: „јас, мама, тато, дада и бато“. Објаснуваше колку е важно уште од најрана возраст, уште од прво одделение, да се всади кај секое дете дека семејството не е само „јас, мама и тато“, туку дека во семејството, покрај мама и тато, се и дада и бато. Понатаму, рече дека многу е поверојатно ова да влијае врз секое дете и да резултира со тоа младите луѓе порано да формираат семејства.

До мене седеше мојата шестгодишна ќерка, прваче во основно училиште.

По завршувањето на видеото, Јована ме погледна со прашање во очите:

„Мамо, како ќе им објаснам на другарчињата во училиште дека јас не можам да имам дада и бато, затоа што јас го немам тато?!“

Неколку минути молк… многу мисли ми поминаа низ глава во тој момент, а со нив и различни, измешани чувства. Беспомошност. Тага. Гнев.

Колку плитките политички пораки забораваат на реалните семејни ситуации!

Си помислив, како да ѝ објаснам на шестгодишно дете дека некој од врвот на државата сака да ѝ наметне дефиниција за семејство што таа не ја живее?

Како да ѝ објаснам дека, без разлика на различните судбини што секој од нас ги носи, секој има еднакво право да биде прифатен и ценет во заедницата?

Дека таа не е помалку вредна од другите деца, само затоа што е дете на самохран родител.

Се запрашал ли премиерот и сите оние што милуваат да користат ваков говор, кој сам по себе носи различни видови на дискриминација, колку деца во Македонија растат во различни форми на семејство?

Деца на самохрани родители, деца кои ги растат баба и дедо, деца во згрижувачки семејства, деца без браќа и сестри… И најчесто, тоа се ситуации што децата сами не ги одбрале.

Дали тие деца се помалку вредни?

Дали треба да се срамат што не живеат во политички „идеалната“ слика што бесрамно се наметнува?

Колку е бесчувствителна ваквата изјава од политичари кои, наместо да нѐ обединуваат, нѐ делат!

Кои, наместо да раскажуваат бајки за тоа што треба да пишува во учебниците, треба да се погрижат сите деца да имаат еднаков пристап до квалитетно образование, топол оброк, поддршка за родителите и средина каде никој нема да се чувствува помалку вреден, дискриминиран или омаловажен!

Доста веќе учебниците ги претвораме во карикатури на реалноста!

Сѐ уште размислувам и сега самата се прашувам:

Кој има право да го диктира темпото на засновање на семејство и формата на истото?

Ако знаеме дека секој има право да избере дали и кога ќе заснова семејство, тогаш ваквата порака значи притисок и недемократска пропаганда. Имено, општествата што ги почитуваат индивидуалните слободи не го диктираат темпото на личниот живот, туку создаваат услови секој да може да одлучи слободно!

Од друга страна, колку и да сака премиерот да побегне од реалните проблеми во државата и да зборува со запалување на емоции преку наметнати „традиционални“ вредности, штетата што се нанесува на психолошката и емоционалната свест на луѓето е огромна!

…Ја прегрнав Јована и ѝ реков:

Секое семејство е полно семејство кога е исполнето со љубов.

Искрено се надевам дека како општество што побрзо ќе успееме да се издигнеме над субјективните и лични гледишта за состојбите во семејството и заедницата, и конечно ќе почнеме да ги креираме учебниците и политиките според реалните животни приказни и потреби на децата – без да ги повредуваме, туку да ги охрабруваме!

ЛИНК од објавата на Фејсбук

Пронајдете не на следниве мрежи: