Помолете се за здравје: Молитва кон св. Василиј Острошки Чудотворец

Свет оче Василиј, силен помошнику и милосрден заштитнику, почуј ги и сега нашите молитви, солзи и воздишки.
Како добар пастир што ги бара залутаните овци и за нив страда, собери нѐ околу твојот кивот и со твоите чудотворни поуки поучи нѐ да ти благодариме и да Го славиме Отецот Небесен.
Нашите души во пороци се мачат, но и плачат како заблудениот син што од својот татко прошка барал, но и како жената што откако се препнала ги признала своите гревови.
Согрешивме многу, од знаење и незнаење согрешивме, со горди мисли и себично срце, со дело и збор, но и со неправење на многу добри дела. Затоа, погледни на нас ранетите и во гревот изобличените.


Погледни и ублажи ги нашите болки и страдања на душата и телото, и дарувај ни го изгубениот мир, братската љубов и радоста небесна.
Те молиме, повикај ги сите светии од нашиот род, сите свети маченици, праведници и преподобни, и заедно со нив моли Го Господа, Кого во Пресвета Троица Го славиме, да ни подари прошка на гревовите и да нѐ спаси од адската погибел, та покаени и поучени да можеме тебе да те величаме, и со тебе да Го славиме беспочетниот Отец со единородниот Син и живототворниот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови.
Амин.
Тропар на св. Василиј Острошки, гл. 4
Од младоста своја сиот себеси на Господа се предаде, во молитва, труд и пост пребивајќи, оче богоносен. Образ на добродетелта му беше на своето стадо духовно; гледајќи го твоето благопроизволение, за пастир на Својата Црква и добар архиереј Бог те постави, а по твоето упокоение твоето свето тело го сочува нераспадливо, свети Василиј. Затоа, заради твојата смелост пред Него, моли Го Христа Бога да ги спаси душите наши.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.