Патниците и службениците од приштинскиот аеродром „Адем Јашари“, беа евакуирани вечерта во неделникот поради закана за подметната бомба, за којашто подоцна ноќта портпаролката на приштинската полиција Фљора Ахмети извести дека била лажна, пренесуваат косовските медиуми.
Според Ахмети, по извршените темелни проверка од страна на специјализираните единици на територијата на аеродромот, вклучително и во аеродромската зграда не е откриен сомнителен предмет.
„Полицијата постапи во врска со информацијата. По извршените проверки од страна на надлежните единици не е пронајдено ништо сомнително. Полициските единици се повлечени од таа област, а истражителите започнаа со активности на расветлување на сите околности поврзани со случајот“, изјави за медиумите доцна ноќта портпаролката Ахмети.
Во медиумските извештаи, повикувајќи се на косовската полиција, се наведува дека во доцните попладневни часови во неделата на приштинскиот аеродром „Адем Јашари“ била објавена тревога за подметната експлозивна направа. Како превентивна мерка, патниците биле евакуиран од аеродромската зграда.
„Околу 21 часот добивме информации за сомнежи за можна експлозија на меѓународниот аеродром ‘Адем Јашари’. Полицијата веднаш излегла на лице место и започнала со преземање на потребните оперативни дејствија за справување со ситуацијата“, потврдила Ахмети.
Истовремено, портпаролката на аеродромот, Валентина Гара, изјави за порталот Nacionales дека косовската полиција ќе ги соопшти деталите за овој случај, без да даде други детали.