Португалија протестира против мерките за штедење

Десетици илјади демонстранти се очекуваат во сабота на улиците на дваесетина поголеми градови во Португалија, кои ќе протестираат незадоволни од мерките за штедење што ги воведува владата на десниот центар под притисокот на меѓународните доверители.

 
„Сигурни сме дека на улиците ќе излезат десетици илјади луѓе кои се чувствуваат оштетени поради владините политики”, изјави за AFP Арменио Карлуш, генералниот секретар на CGTP, најголемиот португалски синдикат кој е организатор на протестите.
Под мотото „Против искористувањето и осиромашувањето” во сите поголеми португалски градови се организираат протесни маршеви и собири, а централниот протест во главниот град Лисабон е закажан за 16 часот по средноевропско време.
Демонстрантите најмногу се незадоволни поради досега незапаметеното зголемување на даноците кои владата ги воведе од почетокот на 2013 година, за да заштеди повеќе од пет милијарди евра.
„Ќе и' покажеме на владата дека сме многу незадоволни од ваквата политика”, нагласува Карлуш.
Во замена за финансискиот пакет помош во износ од 78 милијарди евра која на Португалија во мај 2011 година и' го одобрија Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, владата на премиерот Педро Пашош Коељо, спроведува програма за реформи и штедење.
Меѓутоа, штедењето коешто владата го смета за неопходно за заздравување на јавните финансии, ја продлабочи рецесијата а невработеноста во Португалија го достигна рекордното ниво со речиси 17 отсто невработено работоспособно население и 40 проценти невработеноста кај младите.
Покрај тоа, португалската влада планира до 2014 година да спроведе сеопфатна „реформа на државната управа” со којашто би заштедела дополнителни четири милијарди евра. Меѓутоа, левичарската опозиција и синдикатите сметаат дека станува збор главно за намалување на социјалните давачки во образованието и во здравството.
Makфакс
Десетици илјади демонстранти се очекуваат во сабота на улиците на дваесетина поголеми градови

Пронајдете не на следниве мрежи: