Од Град Скопје соопштија дека поради извршување на градежни работи за реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ во Влае, како и поради извршување градежни работи на топловодната мрежа од страна на БЕГ, денес од 10 до 18 часот дел од оваа делница ќе биде целосно затворена за сообраќај.
Поради асфалтирање во правец од Ѓорче Петров кон Карпош, на потегот од кружниот тек кај Порта Влае до мостот “Влајко“, сообраќајот ќе се одвива преку улицата „Ацо Шопов“, па десно по улица „Иван Цанкар“ каде возилата ќе се вратат на булеварот „Партизански одреди“ пред мостот “Влајко“.
Истото се однесува и на автобусите од јавниот превоз, каде во правецот Ѓорче Петров – Центар, автобусите ќе сообраќаат по истата рута, а денес нема да функционира автобуската постојка бр. 292 – Порта Влае.
Од Град Скопје апелираат сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни, да ја приспособат својата брзина на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.