ПОСЛЕ ОСУМ ГОДИНИ ГОЛГОТА: Курти му го враќа земјиштето на манастирот во Дечани

Косовската влада одлучи православниот манастирот Високи Дечани да ги впише спорните 24 хектари земјиште како свој имот во катастарот на Косово. После осум години завршува правната голгота. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека оваа одлука е услов Косово да биде примено во Советот на Европа(СЕ).

Курти очекува во мај Косово да биде примено во СЕ со одлуката на Комитетот на министри:

– За да постигнеме многу поголема цел што ѝ ја должиме на државата и која отвора невидени можности, мораме разумно и одговорно да направиме чекор напред како независна и суверена земја. Затоа денеска ѝ наложивме на Агенцијата за катастар на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд. Во меѓувреме, министерката за надворешни работи и дијаспора, г-ѓа Доника Гервала, испрати вербална нота со која го информира СЕ за ова прашање. На 22 март е вонредниот состанок на Комитетот таму, во средината на април е Парламентарното собрание на СЕ и на крајот на мај е Комитетот на министри во Советот на Европа кој одлучува за нашето членство – рече Курти.

Курти нагласи дека и натаму ја смета одлуката за штетна, но додаде дека приемот во Советот на Европа ќе биде „историска победа“ за Косово.

Судскиот процес за тоа дали е православниот манастир или општината Дечане сопственик на 24 хектари земјиште и шуми траеше од 2000 до 2016 година, кога Уставниот суд на Косово донесе одлука во корист на Манастирот.

Уставниот суд тогаш ја отфрли одлуката на Апелациониот совет на Специјалниот совет на Врховниот суд, од 2015 година, предметот да се врати во Основниот суд во Дечане и утврди дека претходната одлука на Врховниот суд од 2012 година, со кој се потврди сопственоста на Манастирот на спорното земјиште, е правосилна пресуда.

Пред три години Уставниот суд објави дека неговата претходна одлука не се почитува и побара за нејзино извршување да се заложи државниот обвинител.

Веќе неколку години земјите од таканаречената „Група Квинта“, која ја сочинуваат Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство, изразуваат загриженост дека не се почитува одлуката на Уставниот суд во случајот со Дечанскиот манастир и редовно ги повикуваат косовските власти да му дозволат на манастирот да го заведе земјиштето во катастар.

Албанскиот премиер Еди Рама изрази поддршка за одлуката на Владата на Косово, која бара Агенцијата за катастар да го регистрира имотот на манастир во Дечане, по одлуката на Уставниот суд.

Рама го охрабри раководството на Косово да продолжи да работи со заедничките сојузници за да „покаже дека Косово е доверлив партнер на Евроатлантската заедница“.

„Целосно ја поддржувам одлуката на Владата на Република Косово за спроведување на одлуката на Уставниот суд во врска со Дечанскиот манастир; подобро некогаш отколку никогаш. Го охрабрувам раководството на Косово да продолжи да работи со нашите заеднички сојузници за да покаже дека Република Косово е навистина доверлив партнер на Евро-атлантската заедница“, пишува Рама на платформата Икс.

Пронајдете не на следниве мрежи: