Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Асоцијација за корпоративна безбедност – Скопје и Асоцијацијата на менаџери за безбедност на Црна Гора

Во присуство на претседателот на Асоцијацијата на менаџери за безбедност Драган Радуловиќ, претседателот на Собранието м-р Младен Булатовиќ, Н.Е. Амбасадор на Црна Гора во РС Македонија Марија Петровиќ, претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје проф.д-р Атанас Козарев и членовите на асоцијациите, се потпиша Меморандум за соработка. Потписниците на Меморандумот ја изразија својата согласност  за организирање и развој на модели на заедничка соработка заради унапредување на концептот за корпоративна безбедност како парадигма, но и апликативна дејност и тоа: заеднички активности во реализација на стручни и научни домашни и меѓународни проекти, заедничко учество на советувања, конференции и симпозиуми, размена на практични искуства за превенција на сајбер безбедноста, редуцирање на корпоративниот криминалитет, безбедност и здравје при работа, заштита на деловната тајна, јакнење на капацитетите на човечките ресурси во деловниот свет, размена на техничка и научна литература, координација на заеднички активности во областа на економската безебдност на деловното работење и други активности од заеднички интерес согласно Статутите на асоцијациите. 

Претседателот на црногорската асоцијација Драган Радуловиќ истакна дека безбедноста нема алтернатива; секој евентуален пропуст може да биде фатален за секоја точка на светот. Затоа професионалците имаат посебна одговорност за поврзување, интензивна комуникација и размена на знаења. Во врска со потпишаниот меморандум, Радуловиќ потенцира дека истиот предвидува развој и соработка во мониторинг и мапирање на безбедносните предизвици во деловниот свет од регионално значење.

Претседателот на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, проф.д-р Атанас Козарев го изрази огромното задоволство од денешното потпишување на Меморандумот за соработка со што е создадена рамка на идни заеднички активности со кои ќе се постигне повисока цел – целосно имплементирање на концептот за корпоративна безбедност во практиката. Имено, корпорациската безбедност е реалност и тесно поврзана со националната безбедност. Безбедноста на деловното работење во развиениот свет има долга традиција и претставува гаранција за успешно совладување на ризиците и заканите кои се појавуваат и го загрозуваат деловниот успех во целина. Поврзаноста на корпорациската безбедност со националната безбедност најдобро може да се објасни преку системот на националната критична инфраструктура која ги опфаќа сите елементи кои што се од витално значење за функционирањето и опстанокот на една заедница или општество. Раководството на нашата асоцијација ќе се залага за што побрзо зачленување на Асоцијацијата на менаџери за безбедност на Црна Гора во Асоцијацијата на менаџери за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа (Southeast Europe Corporate Security Association – SEECSA).

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.