Потресни сведоштва на денешното судење за трагичната сообраќајка кај Ласкарци

 “Многу лоша слика, што никогаш не сум видел. Имаше многу мртви и заглавени под автобусот што не можеме да ги извадиме“, изјави еден од очевидците, жител на селото Ласкарци кој меѓу првите пристигнал на местото на превртениот автобус, на денешното судење за сообраќајната несреќа од 13 февруари годинава, во која животот го загубија 16, а 37 лица беа потешко повредени.
“Бев во дворот на куќата и го видов како се преврте. Чув три удари и нешто големо како се преврте. Одма ја земав колата и отидов да помогнам“, изјави сведокот, кој живее на 100 метри од местото на несреќата.
Тој додаде дека не видел што се случило, туку само чул удари и прашина кога нешто големо паднало во нивата, но не видел дали е автобус или камион.
“Јас прв влегов во автобусот и го извадив апаратот за прва помош. Прв и ги земав, тогаш не знаев дека е возачот на автобусот, едно девојче и еден помлад дечко“, изјави сведокот.
Понатаму тој се присети дека имало чад и извици, и го изнел веднаш апаратот за прва помош.
“Под автобусот имаше дете со нозете под автобусот и викаше за помош. Говореше на телефон со татко му од Гостивар и му велеш – Тато дојди да ми помогнеш“, се присети сведокот.
Прв надвор го видел како лежи шоферот, го испрскал со вода и откако се освестил, со уште еден човек му помогнале да се качи во автомобил.
“Возачот на автобусот ништо не збореше по пат. Се губеше. Само ме удираше по нога, изгледа да возам полека. Девојчињата позади викаа од болка и цело време им кажував дека брзо ќе стигнеме во болница“, изјави сведокот.
Претходно, како сведок беше сослушана и Вјолца Ибраими една од повредените патнички во автобусот на “Дурмо турс“.
“Пред да се случи несреќата јас разговарав на телефон и не приметив ништо невообичаено. Имав видик кон патот, но не гледав зошто зборував на телефон“, изјави Ибраими.
Таа додаде дека до ударот во заштитната оградата, не се сеќава на ништо што и го привлекло вниманието.
“Се сеќавам само на ударот во банкината. Потоа не се сеќавам на ништо. Сигурно сум загубила свест. Потоа се освестив во кола на пат кон болница“, рече Ибраими.
Во автомобилот била заедно со возачот на автобусот, но рече дека нема многу јасна слика за тоа што се случувало.
“Не се сеќавам најдобро. Знам дека возачот на автомобилот зборуваше со сите нас за да останеме свесни, но не се сеќавам најдобро, изјави Ибраими.
Судскиот случај го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.
На денешното испитување на повредената патничка и по реакциите на јавниот обвинител дека бранителите не би требало да си приговараат едни на други кога поставуваат прашања, дел од адвокатите на обвинетите реагираа дека тие имаат различни одбрани и дека доколку понатака во постапката бидат ослободени, може да се приклучат и на страната на прогонот.
За автобуската несреќа од 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноел Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.