Легендата на американската кошарка 71-годишниот Бил Волтон, член на Куќата на славните и двократен шампион во НБА, почина по долга борба со ракот, соопшти НБА лигата.
„Бил Волтон беше навистина единствен, и како ценет член на НБА семејството веќе 50 години, Бил многу ќе им недостига на сите кои го познаваа и сакаа“, изјави комесарот на НБА, Адам Силвер.
Волтон беше првиот пик на НБА драфтот во 1974 година од страна на Портланд Трејл Блејзерс, кои ги предводеше до нивната единствена шампионска тутила во НБА во 1977 година. Го освои својот втор НБА шампионски прстен како член на Бостон Селтикс во 1986 година.
Неговата НБА кариера, прекината со хронични повреди на стапалото, траеше само 468 натпревари, а покрај за Портланд и Бостон, настапуваше и за Сан Диего и Лос Анџелес Клиперс. Имаше просек од 13,3 поени и 10,5 скока. Прогласен за МВП на лигата во сезоната 1977/78 и најдобар шести играч на годината во сезоната 1985/1986. Волтон, исто така, освои две титули во универзитетската NCAA со универзитетот UCLA.
Волтон беше примен во Спомен-кошаркарската куќа на славните Нејсмит (Naismith Memorial Basketball Hall of Fame) во 1993 година и во Куќата на славните на универзитетската кошарка (College Basketball Hall of Fame) во 2006 година. Неговиот број 32 беше повлечен и во UCLA и во Трејл Блејзерс.
По неговата играчка кариера, Волтон беше спортски телевизиски водител и аналитичар.