Со огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на актерката Катерина Крстева (1938 – 2023), дамата на македонското актерство – популарна меѓу народот како Мара Попара, по улогата во филмот „Во кафулето кај Гене“.
Катерина Крстева е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија. Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и ТВ екраните ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Како актерка е вработена прво во Драмски театар, за во 1964 година да премине во НУ Македонски народен театар, Скопје, каде останува сé до пензионирањето.
Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан“ премиерно прикажана во 1965 година. Останати нејзини позначајни улоги во МНТ се оние во претставите: „Антица“ (1965), „Градскиот саат“ (1966), „Ревизор“ (1966), „Стапица за осум беспомошни жени“ (1966), „Време од вашиот живот“ (1967), „Сенка“ (1967), „Вител“ (1968), „Мајка“ (1968), „Без вина виновни“ (1968), „Бања“ (1968), „Печалбари“ (1969), „Играта на наредникот Мазгрејв“ (1969), „Парите се отепувачка“ (1970), „Живиот труп“ (1971), „Херкул и оборите на Авгиј“ (1971), „Коштана“ (1971), „Зајдисонце“ (1971), „Фома“ (1972), „Животот на Галилеј“ (1972), „Децата на сонцето“ (1973), „Скуп“ (1973), „Хелдерлин“ (1973), „Ѕидот, водата“ (1973), „Хемиските потписи на човечките организми во воздухот“ (1975), „Хеда Габлер“ (1976), „Отепвачка“ (1976), „Бесови“ (1978), „Кенгурски скок“ (1979), „Милион маченици“ (1980), „Остен“ (1981), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Воена тајна“ (1984), „Бог“ (1984), „Слободни врски“ (1984), „Иванов“ (1984), „Аудиенција и под нов покрив“ (1988), „Рекламна бајка“ (1989) и последната „Крик“ (1991).
На телевизискиот екран и филмското платно има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите: „Хихирику“, „Театарче лево коше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Поштар“, „Простодушна љубов“, „Погрешно време“, „Битолски лакрдии“, „Волшебното самарче“, „Шеќерна приказна“, „Учителот“, „Милион маченици“, „Едно лето“, „Случки од животот“, „Тврдокорни“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, „Агенција осамени срца“, „Време за плачење“, „Мост“ и други. Меѓу последите улоги и се оние во „Преспав“ и „Дедо и внук“.
Погребот е денес во 13:00 часот на градските гробишта во Бутел. Информацијата во врска со комеморацијата за актерката Катерина Крстева ќе биде дополнително објавена.
Вечна ѝ слава!
Пронајдете не на следниве мрежи: