Почина пациентот кому првпат во светот му беше пресаден свински бубрег


Првиот пациент во светот кому му беше трансплантиран модифициран свински бубрег почина речиси два месеца по операцијата.

Во март, хирурзите од Општата болница во Масачусетс трансплантираа генетски модифициран бубрег од свиња на Рик Слејман, 62-годишен пациент со краен стадиум на бубрежна болест. Операцијата преставуваше пресвртница во ксенотрансплантацијата – трансплантација на органи или ткива од еден вид на друг – како потенцијално решение за светскиот недостиг од органи, соопшти тогаш болницата.

Смртта на Слејман не е поврзана со трансплантацијата, соопшти болницата во саботата.

„Нашето семејство е длабоко погодено од ненадејната смрт на нашиот сакан Рик, но голема утеха ни претставува тоа што тој инспирираше толку многу луѓе“, рече неговото семејство.

Семејството на Слејман му оддаде почит на медицинскиот тим кој се грижеше за него.

„Нивните исклучителни напори во управувањето со ксенотрансплантацијата ни дадоа уште седум седмици со Рик и спомените за тоа време ќе останат во нашите срца“, велат тие.

Свинскиот бубрег беше генетски модифициран за да се отстранат штетните свински гени и да се додадат одредени човечки за да се подобри компатибилноста со луѓето. Научниците, исто така, деактивираа свински ендогени ретровируси кај свињата донатор за да го елиминираат ризикот од човечка инфекција.

Болницата соопшти дека е „длабоко тажна“ поради смртта на Слејман. „Немаме индиции дека ова е резултат на неодамнешна трансплантација“, велат тие.

„Г-дин Слејман засекогаш ќе остане светилник на надеж за безброј пациенти ширум светот и ние сме длабоко благодарни за неговата доверба и подготвеност да го унапреди полето на ксенотрансплантација“, велат тие.

Пронајдете не на следниве мрежи: