Почина Салаетин Билал (76), македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец од турска националност кој играше во повеќето филмови на најпознатите македонски режисери – Милчо Манчевски, Столе Попов, Дарко Митревски.
Во неговата биографија се запишани филмовите „Најдолгиот пат“ (1976), „Време води“ (1980), „Ангели на отпад“ (1995), „Џипси меџик“ (1997), „Зад непријателските линии“, „Прашина“ (2001), преку „Илузија“ (2004), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010), па се до последните филмови на македонската филмска продукција „Трето полувреме“ (2012), „Балканот не е мртов“ (2013), „Херој“ (2013) и „До балчак“ (2014).
Сведоштво за неговата работа, остануваат големиот број на ролји во телевизиски серии и драми, со кои израснаа голем број на генерации во Македонија. Тука само би ги споменале улогите во култните „Волшебното самарче“ (1975), „Итар Пејо“ (1977), „Илинден“ (1982), „Белото Циганче“ (1984), „Солунски патрдии“ (1986), „Тврдокорни“ (1988-1992), Македонски народни приказни (1994) и уште многу други.
Неговиот талент и работа ги препознава и публиката и критиката и за тоа е наградуван повеќекратно. Добитник е на следните награди: Награда на ревијата Екран за најдобар актер (1976); Награда за најдобро актерско остварување на нашиот Фестивал, за улогата на Ахмет Нурудин во претставата Дервишот и смртта (1976) и за улогата на Аздак во претставата Кавкаски круг со креда (1989); Награда на град Скопје 13 Ноември за улогата на Хаџи Тома во претставата Коштана (1977); Награда 11 Октомври за улогата на А.Б. во претставата Дамокловиот меч (1983); Награда Димче Трајковски за најдобра епизодна улога на нашиот фестивал, за улогата на Нуман во претставата Стари фотографии (Прилеп, 1993), како и Специјалната награда на Македонскиот филмски фестивал Астер фест (2011). Наградата за животно дело за оваа година е признание и потврда за целокупната работа што ја има направено актерот Салаетин Билал за театарската уметност во Македонија.
Како неодминливи се споменуваат ролјите: Себастијан од “Дванаесеттата Ноќ” од Шекспир, Јасон во “Медија од Еврипид”, слугата во “Слуга на двајца господари” , Ахмет Нурудин во “Дервишот и смртта”, Хасанага во “Хасанагиница” од Љубомир Симовиќ, Аздак во “Кавкаски круг со креда” Дон Жуан во истоименото дело на Молиер, Мустафа во “Писание” Алонсо во “Бура”…
Салаетин Билал студирал на Театарскиот конзерваториум во Истанбул, Турција. Во 1964 година станал член на ансамблот на Турската драма при Театарот на народностите во Скопје. Како актер гостувал и во проекти изведувани на сцените на Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, како и на матичната сцена со ансамблот на Албанската драма.
Забележителни се неговите ролји во Театарот на Ромите „Пралипе“ и во други независни проекти.
Верската церемонија ќе се одржи денеска во 13 часот во Џамијата во Бутел, а погребот е во 13,30 часот на Градските гробишта во Бутел.