Синоќа во Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување КАРИЛ почина професионалниот војник А.Ј. (25), соопшти Генералштабот на Армијата на Македонија. Војникот беше еден од кандидатите кои го посетуваа селективниот курс за баталјонот за специјални сили, одржуван во изминатите дваесетина денови на армискиот полигон „Криволак“.
На крајот од последната дисциплина на курсот, марш на долго растојание, војникот почувствува ненадејно влошување на здравјето околу 18:30 часот и падна во безсознание.
Веднаш беше пренесен со армиско болничко возило, придружуван од воен лекар, во здравствениот дом во Неготино. По интервентните испитувања, беше упатен кон клиниката КАРИЛ во Скопје, каде што персоналот спроведе сите неопходни мерки за реанимација, но по кратко време беше констатирана смртта.
Јавниот обвинител даде насоки за понатамошна постапка и истрага за околностите на несреќниот случај. Официјалниот извештај за причините на смртта ќе биде објавен по завршената обдукција од Институтот за судска медицина во Скопје, а јавноста ќе биде навремено информирана.
Генералштабот на АРМ соопшти дека починатиот војник го започнал 24-дневниот селективен курс во добра здравствена состојба и одлична физичка подготвеност.