Почит во Брисел за жртвите на пожарот во Кочани

Вечерва, во Брисел, под покровителство на здружението „Македониум“ и македонската православна црковна општина „Св. Илија – Св. Архангел Михаил“, беше одржана комеморација за настраданите во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани. Присутните им одадоа почит на жртвите со двеминутно молчење. На настанот говореше и македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски, кој изрази жалење поради трагичниот настан и упати сочувство до жртвите, истовремено изразувајќи благодарност до Белгија, Луксембург и Европската Унија за помошта во згрижување на повредените. Белевски го нагласи и своето признание кон македонските граѓани во Белгија за нивната подготвеност да им помогнат со сместување и превод за роднините на повредените, кои започнаа со лекување во Белгија.
Дополнително, присутните слушнаа кратки обраќања од грчката амбасадорка во Белгија, Софија Грамата, како и од претставници на „Македониум“ и српското здружение „Круг“. Комеморацијата вклучуваше и книга на жалост, каде што присутните можеа да остават пораки на сочувство и солидарност, како и да донираат средства за поддршка на повредените и нивните семејства кои ќе престојуваат во Белгија.
Рано утрово, четири лица настрадани во пожарот беа пренесени за лекување во Белгија. Од нив, двајца се згрижени во болници во Брисел, додека по еден во болници во Антверпен и Шарлероа, со посредство на Европската Унија и специјален авион на Романија. По несреќата во Кочани, во македонската амбасада во Брисел е отворена книга на жалост за сите кои сакаат да изразат сочувство, а ќе биде достапна во текот на оваа работна недела од 10:00 до 12:00 и од 13:30 до 15:30 часот, освен во петок од 10:00 до 12:00 часот.
The post Почит во Брисел за жртвите на пожарот во Кочани appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: