Почна пописот на населението во Косово

Паралелно на повиците на косовските власти до српското население за одѕив на пописот, најголемата партија на Србите во Косово која ја има поддршката од Белград, Српска листа, објави дека српската заедница нема да учествува во статистичката операција

Во Косово од денеска започна пописот на населението, домаќинствата и становите. Ова е прв попис во земјата од 2011 година и се очекува да заврши за околу месец и половина отсега, односно на 17 мај.

Фото: EPA-EFE/Georgi Licovski

Пописот ќе се спроведе и во општините со мнозинско српско население на северот на Косово – Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица. Засега е неизвесно дали косовските Срби од овие четири општини ќе го бојкотираат пописот – нешто што го сторија во 2011 година.

Согласно Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, доколку некој одбие да ги даде информациите кои од него ги бара попишувачот, може да се казни со парична казна од 30 до 2 000 евра.

Косовските власти во неколку наврати ја повикаа српската заедница да одговори на новиот попис, со цел да се има предвид точниот број на жители, врз основа на кој ќе можат се прават планови за иднината.

Паралелно на повиците на косовските власти за одѕив на пописот, најголемата партија на Србите во Косово која ја има поддршката од Белград, Српска листа, објави дека припадниците на српската заедница нема да учествуваат во статистичката операција.

„Сакаме да испратиме јасна порака до Албин Курти и оние кои го поддржуваат дека српскиот народ нема да учествува на претстојниот лажен попис во неговата организација, со што тој сака да го потврди неговиот срамен успех во протерувањето на Србите“,

објави партијата.

Последниот попис на населението во Косово во 2011 година не беше одржан во четирите општини на северот каде што живее мнозинско српско население, а бојкотиран беше и во општините на југот. Според тој попис, вкупниот број на жители во Косово е околу 1,8 милиони, од кои околу 25 000 се Срби. Проценките на граѓанскиот сектор, пак, се дека во Косово живеат околу 100 000 припадници на српската заедница.

Новиот попис на населението во Косово требаше да се одржи во 2021 година, но беше одложен поради пандемијата со коронавирусот, а во меѓувреме беше одложен уште двапати.

Пронајдете не на следниве мрежи: