По два викенда со целосна забрана, прв викенд со скратен полициски час- доколку излегувате од дома ова мора да го имате на ум

По два викенда со целосна забрана за движење денеска почнува првиот викенд со скратен полициски час. Забраната за движење денеска ќе почне од 15:00 часот, а ќе трае до понеделник во 5:00 часот наутро. За лицата над 67 годишна возраст денеска ќе биде дозволено движење од 5:00 до 11:00, а младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од 12:00 до 15:00 часот.
Според новите мерки што ги донесе Владата во средата, заштитната опрема задолжително треба да се носи во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз. На отворено заштитна опрема задолжително се носи на пазари и на отворени простори каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра до другите лица во близина. На отворено заштитна опрема не се носи само ако се престојува во дворот, или терасата од сопствените домови, на велосипед, при спортување на отворено или во патничко возило со лица со кои живеете во заедница или домаќинства.


Автобусите од јавниот градски превоз во Скопје денеска ќе сообраќаат од 5:00 до 15:00 часот, по саботен возен ред, а утре воопшто нема да сообраќаат. Почнувајќи од понеделник, 27 април, и возовите во државава ќе сообраќаат по нов возен ред поради измените во времетраењето на полицискиот час при што во сабота ќе сообраќаат само два воза.
Со олеснување на забраната за движење, полицискиот час секој работен ден, од понеделник до петок во целата држава ќе почнува од 19:00 часот до 05:00 часот наутро. За лицата над 67 годишна возраст ќе биде дозволено движење секој работен ден од 05:00 часот наутро до 12:00 на пладне. Младите лица до 18 години ќе може да излегуваат од понеделник до петок од 13:00 до 19:00 часот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.