Како што пишува „Вашингтон пост“ под притисок на американската администрација на претседателот Доналд Трамп, косовскиот претседател Хашим Тачи ветил дека ќе преземе значаен чекор за решавање на ескалирачкото одмерување на силите со Србија. Во изјавата за весникот Тачи рекол дека е „подготвен да го разгледа укинувањето на таксите ако за Косово се отвори јасен пат за постигнување конечен мировен договор со Србија“. Во текстот уште се наведува дека Трамп невообичаено директно им се обратил на српскиот и косовскиот лидер со тоа што лично им испратил писма во кои ја навестува можноста дека мировната церемонија би можела да се одржи во Белата куќа.
Но со ова ветување на Тачи не се согласува министерот за трговија и индустрија на Косово Ендрит Шаља, кој вели дека Тачи не може да дава ветувања за укинување на таксата од 100 насто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, затоа што одлуката за воведување на таксата ја донела Владата на Косово. Тој порача дека таксата ќе остане на сила се додека не се отстранат причините поради кои Владата се реши на еден таков чекор.
– Додека постојат причините кои нас како Влада на Република Косово не натераа да ја воведеме таа такса, значи причините кои јас ги образложив кога го изнесов предлогот за таксата, таа никогаш нема да се укине, изјави Шаља за порталот „Калѕо“ (kallxo.com).
Шаља му порача на Тачи доколку има некое такво барање истото да го достави до Владата, која ќе го разгледа и ќе донесе одлука.
– Не знам што се занимава претседателот со таа работа. Тоа се работи на делегацијата на Владата на Република Косово за преговори со Србија. Кога тие ќе ни достават барање во кое се вели дека таксата треба да се укине затоа што „сме успеале да го реализираме тоа и тоа“, а што се однесува на причните поради кои ја воведовме таксата, тогаш јас како министер за трговија можам да предложам таа да се укине, додаде Шаља.