По Османи, и Таравари објави дека ги собрал потребните 10 илјади потписи за влез во претседателската трка


Кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, е вториот од вкупно единаесетте кандидати кој досега успеа да ги собере потребните потписи за влез во претседатеската трка откако вчера тоа го стори кандидатот на ДУИ, Бујар Османи

Претседателскиот кандидат на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, вечерва во објава на својот профил на Фејсбук обзнани дека ги собрал потребните 10 илјади граѓански потписи потребни за влез во трката за шеф на државата, чиј прв круг ќе се одржи на 24 април.

Арбен Таравари, претседателски кандидат на опозициските партии на Албанците

„Благодарам на секој од вас што во рекордно време ја потпишавте мојата кандидатура за претседател! Целата оваа кампања нека биде наменета за вас!“,

пишува Таравари во објавата на Фејсбук.

Арбен Таравари е вториот од вкупно единаесетте кандидати кој досега успеа да ги собере потребните потписи за влез во претседатеската трка откако вчера тоа го стори кандидатот на ДУИ, Бујар Османи.

Од петокот, кога официјално започна собирањето потписи за претседателските кандидатури, до вчеравечер, Таравари собрал 7 513 потписи, што е значаен скок од пред два дена кога за него дотогаш се имаа потпишано нешто над 1 600 граѓани, односно добил речиси шест илјади потписи повеќе за еден ден.

До бројката од 10 илјади потписи се приближуваат и кандидатите на движењето За наша Македонија (ЗНАМ) и на Левица – Максим Димитриевски и Билјана Ванковска-Цветковска. Димитриевски до вчеравечер собрал 8 400 потписи, а за Ванковска заклучно со вчера до 20 часот се потпишале 6 237 граѓани.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: