Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс се подготвува да ја преземе најважната задача во неговата политичка кариера досега – да ги предводи напорите на САД за ставање крај на војната за која е загрижен од самиот почеток, објавува американскиот портал „Аксиос“.
Според „Аксиос“, Венс веќе одржал серија разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, се сретнал со сојузниците од Заливот и бил вклучен во индиректна комуникација со Иранците. Се очекува тој да биде главен преговарач на САД во потенцијалните мировни преговори.
Претседателот Доналд Трамп ја официјализираше оваа улога за време на состанокот на кабинетот во четврток, барајќи од потпретседателот да ги достави најновите информации за Иран и истакнувајќи дека работи на преговорите со Стив Виткоф и Џаред Кушнер.



