Големиот пожар што денеска избувна во Волково и се закани на куќи повторно го отвори прашањето за запуштените и необработени парцели, за кои жителите велат дека со години претставуваат сериозен ризик во летниот период.
На социјалните мрежи, веднаш по интервенцијата на пожарникарите, граѓаните покренаа иницијатива да се воведат законски обврски и санкции за сопствениците кои не ги одржуваат своите ниви и имоти
„Ќе донесете ли закон за неодржување на плацови? Живееме опкружени со дрвја, обраснати парцели и хаварисани возила. Не смееме ниту да влеземе да расчистиме. Секоја година го зборуваме истото. Голема благодарност до пожарникарите што го спасија Волково“, напиша еден жител.
Во коментарите, повеќе жители посочуваат дека проблемот не е само во Волково, туку и во Орман и околните населби, каде тревата на некои парцели достигнува и до два метра.
„Како во Европа – казни. Кога ќе се удри по џеб, тогаш ќе има одговорност“, наведува еден од коментарите.
Друг жител предлага институциите да добијат законска можност сами да интервенираат на запуштените имоти.
„Инспекторите треба да изрекуваат казни, но ако сопственикот не постапи, општината преку комуналните служби да ја искоси парцелата, а трошокот да му биде фактуриран. Лани пожарот се ширеше токму преку такви обраснати земјишта“, пишува во иницијативата.
Пожарот во Волково избувна денеска попладне, а поради неговото ширење кон куќите на терен интервенираа екипи на скопската Противпожарна бригада и Дирекцијата за заштита и спасување. Во гаснењето беа вклучени и воздушни сили, додека надлежните со часови се бореа огнот да не стигне до станбените објекти.
Жителите сега бараат институционално решение, оценувајќи дека превенцијата е единствениот начин секое лето да не се повторува истото сценарио.



