Нормализирана е состојбата со електрична енергија во поранешната нуклеарна централа Чернобил во Украина по прекинот на струјата предизвикан од руското бомбардирање во близина на локацијата претходниот ден, изјавија украинските власти за АФП. Напад со руски беспилотни летала врз електричната инфраструктура предизвика прекин на електричната енергија повеќе од три часа, со што се загрозила безбедноста на оштетениот реактор со високо радиоактивни елементи кој е херметички затворен со метален капак.
Украинските власти соопштија дека немало ширење на радиоактивност во инцидентот. Портпаролот на Министерството за енергетика изјави дека денес сè функционира нормално.
Нуклеарната централа Чернобил се наоѓа во северна Украина, на околу 100 километри од Киев. Таа беше местото на најлошата нуклеарна несреќа во историјата во 1986 година, а последниот реактор беше затворен во 2000 година. Руската војска ја окупираше централата на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, но се повлече од областа неколку недели подоцна. Друга украинска нуклеарна централа, Запорожје, беше бомбардирана неколку пати од руските сили, но без ширење на радиоактивност.



