Средбата во Софија на највисоко ниво заврши. Бугарија останува на своите барања – Македонија да ги исполни преземените обврски од 2022 година и да ги донесе уставните измени, а според изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата, уставните измени не се единствениот услов за откочување на евроинтегративниот пат на нашата држава.
– Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. На обајцата ни стана јасно – не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам, изјави Сиљановска-Давкова во Софија.
Од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова информираа дека таа ја потенцирала важноста на спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како обврска за сите земји-членки на Советот на Европа.
Претседателката на Бугарија на Сиљановска-Давкова и го порачала истото што шефицата на бугарската дипломатија му го порача на Муцунски во Шведска – да се донесат уставните измени.
Јотова рекла дека Македонија мора да го исполни Францускиот предлог од 2022 година, што самата го потпишала, а кој, како што навела, „станал паневропски став за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ“. Според Јотова, тоа се европски критериуми за членство, а не бугарски барања.
Средбата во Софија се одржа на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во изјава дадена вчера во Софија пред средбата на највисоко ниво рече дека никој нема интерес од тоа што се случува и дека губат двете држави. Според него, Скопје и Софија имаат различни толкувања за обврските што произлегуваат од преземените обврски од 2022 година.
Муцунски од Софија: Добро е да разговараме и да ги расчистиме очекувањата на двете страни
Ова е прва средба на Сиљановска-Давкова откако Јотова стана претседателка на Бугарија. Претходно, Сиљановска-Давкова имаше средби со тогашниот претседател Румен Радев кој по изборите во Бугарија застана на чело на бугарската Влада.
The post По средбата во Софија, нема поместување во позициите на Македонија и Бугарија appeared first on Provereno.



