По 12 февруари граѓаните да не ги управуваат своите возила без возачка дозвола со името Република Северна Македонија

„За излез од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти“, соопштија од ресорното министерство

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година, согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор,  престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија.

„Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи  воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа“,

велат од МВР.

Оттаму велат дека што се однесува до личните карти, тие ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.

„За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти“,

соопштија од МВР.

Околу возачките дозволи, ресорното министерство ги известува граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека ќе постапуваат согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија.

„Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета“,

велат од МВР.

Во однос на налепниците НМК за регистерските таблички, од МВР соопштија дека тие се комплетно бесплатни за граѓаните, а секоја евентуална злоупотреба  односно било какво наплаќање ќе биде ригорозно санкционирано.

„Граѓаните можат во било која станица за технички преглед да отидат со возилото и сообраќајната дозвола и од страна на контролор од станицата за технички преглед ќе им бидат залепени налепниците на регистерските таблици“,

рекоа од ресорното министерство.

Изминатите недели граѓаните со часови чекаа во редот за фотографирање за лични документи пред пунктот во полициската станица Пролет. Од МВР најавија дека граѓаните повеќе нема да можат да се фотографираат за лични документи во пунктот во полициската станица „Пролет“ без закажан термин, а оние кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок.

Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор, кој стапи во сила во февруари 2019 година. Според член 1 точка 10, личните документи треба да се променат во рок од пет години по стапувањето во сила на договорот, односно до февруари 2024 година.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.