Раѓањето на божицата Атена, прикажана над влезот во Партенон, се смета за ремек-дело на антиката. Германски истражувачки тим сега успеа да ги состави сите фрагменти. Изложбата во Франкфурт го претставува тој спектакуларен резултат.
Партенон, стар 2.500 години, е најважниот храм на античка Грција и едно од ремек-делата на класичната грчка архитектура . Бил посветен на заштитничката на градот, божицата Атена, и издигнувајќи се над градот, на Акропол, служел како моќен симбол на важноста на Атена. Партенон оставил траен белег врз западното разбирање на човештвото и уметноста: скулптурите на неговите фронтони, создадени под надзор на легендарниот скулптор Фидиј, се сметаат за ненадминлива мерка на пропорција и грациозност . Тие влијаеле врз уметниците од римската антика и неокласицизмот до денес.
„Многу сме уверени дека ја решивме загатката“
Источниот фронтон, сместен над влезот во храмот, го прикажувал раѓањето на божицата Атена од главата на нејзиниот татко, Зевс, во присуство на олимписките богови. Тоа дело, кое се протегало на околу 29 метри, било украсено со вкупно 39 фигури. Централната фигура на Зевс била колосална, висока 3,80 метри. Со векови, научниците се обидуваат да ја откријат точната композиција на таа сцена , со оглед на тоа што фронтонот бил уништен за време на процесот на христијанизација.
Сепак, сега се случи голем пробив: благодарение на децении макотрпна детективска работа, слична на решавање на сложена загатка, како и со помош на модерната технологија, археологот Винченц Бринкман, раководител на Одделот за антиквитети и Азија во Музејот Либигаус (Liebieghaus Skulpturensammlung), заедно со својот тим, успеа целосно да ги реконструира фрагментите од источниот фронтон на Партенон .
„Многу, многу сме сигурни дека ја решивме загатката“, објаснува тој во интервју за ДВ. Резултатот моментално е изложен како дел од изложбата во „Либигаус“.
Само околу 20 проценти од оригиналната маса на мермерниот дел е зачувана. Фрагментите се расфрлани во разни европски музеи – повеќето од нив се во Атина, но значителен број од нив се во сопственост и на Британскиот музеј. Повеќе од 40 години, Винченц Бринкман и неговата сопруга, Улрике Кох-Бринкман, работеа на таа многу нецелосна античка загатка.
Секако, тие не беа првите што се занимаваа со тоа: „Уште во 19 век, многу научници го проучуваа ова прашање, развивајќи многу добро засновани теории засновани на длабоко познавање на античките извори“, објаснува Бринкман. На пример, во 1910 година, беше објавена студија за бројни фрагменти што се чуваат во Британскиот музеј .
Овој истражувачки тим успеа да гради врз тие темели, но напредокот беше бавен долго време – сè додека посетата на музејот Ермитаж во Санкт Петербург во 2014 година не донесе пресвртница: еден археолог наиде на римски саркофаг со релјеф што го прикажува раѓањето на Атена .
„И тогаш сè ми стана јасно: Еве ги сите!“
Постојат девет такви саркофази – речиси сите се во Рим, а секој од нив покажува различен дел од источниот фронтон. Бринкман истакнува дека други научници го забележале ова уште во 19 век, „но ние се посветивме на тоа со голема посветеност и не се откажавме“.
Корисна алатка – iPhone
Технолошкиот напредок на 21 век, особено 3Д скенерите и печатачите, се покажаа како непроценливи за ова истражување. Бринкман и неговиот тим патуваа за да проучат околу 60 оригинални фрагменти на различни локации , и патуваа со минимална опрема: еден iPhone беше доволен за процесот на скенирање.
Кога почнале да ги составуваат фрагментите на компјутерот, дошле до уште едно важно откритие: „Фигурите што успеавме да ги составиме – всушност ги препознаваме!“, се сеќава Бринкман на своите мисли од тоа време. Римјаните постојано правеле поединечни копии од сите скулптури од фронтоните.
„Тие копии совршено се вклопуваат со фрагментите. Со други зборови, одеднаш се најдовме опкружени со „стари познаници“ – парчиња за кои не знаевме дека всушност припаѓаат на фронтонот.“ На овој начин, фигурите и нивниот распоред конечно беа целосно реконструирани .
Користејќи 3Д-печатач, истражувачкиот тим создаде модел долг четири метри во размер 1:7,7. За потребите на изложбата, најзначајните фрагменти беа испечатени во нивната оригинална големина и поставени на панели на кои се прикажани комплетните фигури во природна големина. Конечно, анимацијата дигитално ги спојува фрагментите, оживувајќи ги фигурите од источниот фронтон во нивната повторно откриена композиција.
Изложбата вклучува дела од колекцијата скулптури на музејот „Либигаус“, како и експонати позајмени од други институции, вклучувајќи ги Ватиканските музеи и Лувр. Првично, беше планирано и учеството на Музејот на Акропол во Атина, но Грција го повлече своето учество кога дозна дека Британскиот музеј исто така ќе испрати фрагменти во Франкфурт . На крајот, „Либигаус“ одлучи да не ги вклучи во изложбата дури ни оние фрагменти што се во британска посед.
Спорот за реституција меѓу Грција и Велика Британија
За ова постои причина: Велика Британија поседува значаен дел од фризот на Партенон, како и фрагменти од неговите два фронтона. Грчките власти со децении водат кампања за нивно враќање. Во Британија, овие 56 делови од фризот се познати како „Елгинови мермери“ – именувани по лордот Елгин, британскиот амбасадор во Отоманската империја, со седиште во Цариград. Токму Елгин, на почетокот на 19 век, наредил тие фигури да бидат отстранети од надворешниот дел на храмот Партенон на атинскиот акропол. Со согласност на Отоманската империја, која во тоа време владеела со Грција, тие биле префрлени во Велика Британија.
Во Британија се смета дека се добиени легално, додека Грција, од друга страна, тврди дека се украдени. Тој спор е во застој долго време, но со доаѓањето на власт на Лабуристичката партија, постигнат е одреден напредок – иако, очигледно, не е доволен за да ја убеди грчката страна да се согласи на аранжман за заем, дури и ако тој го вклучува и Британскиот музеј.
Изложбата „Сцена за Атена: Сложувалката на Партенон“ (Stage for Athena: The Parthenon Puzzle) беше поставена во музејот „Либигаус“ во Франкфурт и ќе трае до 25 јули 2027 година.




