„Важно е дека за време на имплементирање и водење на тие политики не се скршнало од вистинскиот пат. Станува збор за имплементирање на тешки одлуки. Одлуки коишто се за доброто на државата. Одлуки кои не секогаш се лесни да им се објаснат на граѓаните и тоа се гледа и во нивните реакции, меѓутоа на долг рок носат само бенефит за држават“, вели носителот на листата на СДСМ во „четворката“, кој како пример го посочува договорот со Грција
Призмата низ која се водеа политиките изминативе две години е истата кога јас бев член во Владата, вели поранешниот министер за здравство во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан како ја оценува работата на владата и на СДСМ во изминатиот период во кој тој не е министер.
Филипче веќе две години е надвор од тесното раководство на СДСМ, а на наредните избори ќе биде носител на кандидатската листа на СДСМ во Изборната единица 4.
„Сметам дека призмата низ која се водеа работите изминатите две години, беше истата како што беше и претходно кога јас бев член на Владата и во еден краток период потпретседател на партијата, а тоа беа низ проектите и работата, се имплементираа вистинските вредности. Сметам дека добро се продолжи со одредени проекти, сметам дека во делот на здравството, каде што бев целосно посветен, моите колеги од Министерството за здравство требаше да продолжат некои од проектите за што им забележав. Меѓутоа, генерално сум свесен и ова е мое лично мислење, дека има луѓе коишто имаат одреден степен на незадоволство“,
рече Филипче.
За незадоволството, дополнува тој, нормално е да постои после одум години владеење, но грешките се правеле од технички аспект или наивност.
„Меѓутоа што е многу важно? Важно е дека за време на имплементирање и водење на тие политики не се скршнало од вистинскиот пат. Станува збор за имплементирање на тешки одлуки. Одлуки коишто се за доброто на државата. Одлуки кои не секогаш се лесни да им се објаснат на граѓаните и тоа се гледа и во нивните реакции, меѓутоа на долг рок носат само бенефит за државата“,
вели Филипче посочувајќи го Преспанскиот договор како таков пример.
Според него, сега граѓаните се свесни за придобивките од договорот со Грција.
„Преспанскиот договор кога се носеше, анкетите покажуваа дека против него се над 70 %, меѓутоа ако сега прашате, над 70 % од граѓаните се чувствуваат побезбедни поради тоа што сме членови на НАТО, што укажува на тоа каква визија се имало тогаш кога се носел тој договор“,
рече поранешниот министер за здравство.
Прашан зошто таа посветеност не беше видлива и во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, тој одговара дека, сепак, се работело за тематика која бара подолг временски период и консензус.
На забелешката дека не е потребен консензус за транспарентно и домаќинско трошење на јавните пари, тој одговори:
„Апсолутно, секој што згрешил, треба да одговара за тоа. Ние имаме и вицепремиер за добро владеење, Комисија за спречување корупција. Тоа е секојдневна работа и нивна активност. Апсолутно се сложувам дека тој дел, на зајакнување на тој сегмент треба да е и е еден од главните столбови на коишто се потпира програмата на СДСМ за следните четири години“.
Неврохирургот и поранешен потпретседател на СДСМ вели дека здравството е многу важен дел од програмата на СДСМ и за овие избори, иако неодамна кога лидерот на партијата Ковачевски ги промовираше десетте столба на програмата за следните избори, меѓу нив го немаше здравството.
„Дефинитивно е еден од столбовите. И јас бев консултиран како поранешен министер и сега како професор за еден сегмент од програмата и мислам дека нудиме и тоа како квалитетна програма за зајакнување на здравствениот систем и за понатамошно зголемување на платите на здравствените работници“,
рече Венко Филипче.
Тој дополни дека е подготвен како иден пратеник веднаш да понуди 10 до 15 предлог-законски решенија со кои би се унапредил статусот на здравствените работници и на пациентите.