Ако и вие спаѓате во онаа група луѓе кои се во изолација со партнерот, голема е веројатноста дека меѓу вас се јавило одредено ниво на нетрпеливост, па и расправии за работи кои досега никогаш не биле проблем.
Сексологот и терапевт за врски Грејс Хејзл сподели неколку совети за двојките кои во овие вонредни времиња може да се најдат во тешки моменти.
Таа објаснува дека искрената комуникација, како и секогаш, треба да биде на прво место и дека треба да ги искажувате мислењата, емоциите, потребите и стравовите, но исто така и да го сослушувате партнерот.
За остварување на оваа цел, понекогаш е потребно да примените нови методи на комуникација, а Хејзл советува да го примените правилото на 5 минути.
Тоа подразбира дека секој од партнерите има пет минути да го каже она што му тежи, а во тоа време другиот нема да го прекинува, ниту вербално, ниту со гримаси, превртување очи, заминување од просторијата или слично.
Кога едниот партнер ќе заврши, оној кој слушал треба да каже со свои зборови како го сфатил кажаното, а потоа да има 5 минути да го каже своето мислење и така во круг додека не дојдете до заедничко разбирање.