Православните христијани го слават Бадник

Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.
Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Манифестацијата ќе почне со бадниковата химна што ќе ја исполни„ Силви бенд“ и со кревање на бадниковото знаме.
Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.
Присутните граѓани ќе ги пречекаат стариот кум Влатко Огненовски со преодниот пехар, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, новиот кум Љупче Николовски со погачата со златна паричка и здравичарот Миливое Алексиевски. Потоа тие ќе се упатат во Соборниот храм каде ќе се одржи свечен чин на осветување и кршење на погачата од страна на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ќе одржи традиционална беседа, по што сите заедно ќе дојдат на бината каде ќе продолжи свеченоста.


Здравичарот ќе ја каже здравицата во име на Одборот за прослава, на присутните ќе им се обратат кумот, како и скопскиот градоначалник, кој потоа ќе му го врачи ќупот на новиот кум. Кумот и здравичарот ќе си заминат со пајтон.
Во Скопје и во уште неколку градови во Македонија денеска се организираат и детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик.
Децата учесници во бадниковите поворки во придружба на своите родители и роднини во 11 часот ќе се соберат на платото пред црквата „Св.Димитриј“ во Скопје, каде ќе се одржат Божикен концерт и Божикна претстава.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божик.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.