Право на глас имаат вкупно 1.814.263 граѓани

Вкупно 1.814.263 граѓани имаат право да гласаат на претстојните предвремени парламентарни избори закажани за 15 јули. Државната изборна комисија (ДИК) вчера го заклучи Избирачкиот список. Во меѓувреме, кампањата продолжува со уште позасилено темпо.
Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ синоќа од Струга уште еднаш порача дека земјава е на вистинскиот пат и дека времето на режимот заврши. Според ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, време е за историска победа и за обнова на државата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Кичево повтори дека ова не се обични избори, туку поразлични од сите досегашни поради КОВИД-19, а тоа треба да е мотивација плус за обединување против власта.
-Ни треба историски резултат. Се чувствува голем триумф на правдата врз неправдата, на доброто врз злото, на честа врз срамот. Да покажеме како се работи за сопствената држава. По 15 јули да ги засукаме ракавите и да ја обновиме Македонија зашто во пепел ќе ја наследиме. Да ја вратиме насмевката на граѓаните. Доаѓаат најдобрите четири години, доста беше понижување и порази, доста беше срам, доста беше од политичари елитисти, истакна Мицкоски.


-Да останеме на вистинскиот пат. Докажавме дека можеме, а можеме уште повеќе и уште подобро. Не само што ги исполнивме целите, туку изградивме и пријателство. Денеска сме членка на НАТО и држава со одлука за почеток на преговорите. Сите фронтови пред нас се отворени и сите мегдани ни се на дофат, а враќањето на режимот нема да се случи никогаш повторно. Изминативе 2,5 години носевме храбри одлуки, без да се калкулира за личниот и партискиот рејтинг, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на граѓанската трибина во Струга.
Никој да не се плаши од првиот премиер Албанец, беше пораката на Ахмети. ДУИ излезе и со барање за ТВ дебата, за соочување на нивниот кандидат за премиер, Насер Зибери, со Заев и Мицкоски. Граѓаните имаат право да ги видат тројцата кандидати за премиер на ТВ дебата, е образложението на партијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.