Сопругата на претседателот Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, денеска се вклучи во активноста на граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“, односно подготовка на храна за бездомни и социјално загрозени лица.
Храната се подготвувала во кујната на црквата „Гласност“.
Од претседателскиот кабинет информираат дека во согласност со досегашната практика оброците ќе бидат распределени во текот на претстојниот викенд кога не функционираат народните кујни.
„Кризата што е последица на пандемијата на Ковид-19 најтешко се одрази кај овие категории ранливи граѓани. Оттука, зголемена е и потребата за топол оброк. Да бидеме хумани и солидарни, да им помагаме на оние на кои таа помош им е најпотребна. Да споделиме храна со граѓаните што не може да си обезбедат оброк за себе или за своето семејство“, истакна Ѓоргиевска.
Во активностите на „Ретвитни оброк“, како што додаде Ѓоргиевска, може да се вклучи секој што смета дека може да придонесе.
Неформалната граѓанска иницијатива „Ретвитни оброк“ заедно со здружението на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци „Вистински дела на љубезност“ повеќе од пет години им помагаат на најранливите граѓани.
Двете организации беа дел и од хуманитарната акција иницирана од Кабинетот на претседателот Пендаровски, „Волонтираме за солидарно општество“.