Обвинетиот во јули лани на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина напишал два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ заедницата во кои повикува на насилство кон оваа маргинализирана група
Жител на општина Демир Капија е осуден на условна затворска казна од една година поради ширење на говор на омраза кон ЛГБТИ заедницата и повикување на насилство кон оваа маргинализирана група.
Информацијата за изречената казна, преку писмено соопштение ја сподели „Квир центар Скопје“, од каде велат дека станува збор за прва осудителна пресуда во земјава со која се санкционира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација.
Пресудата против лицето С.М., како што се наведува во соопштението, ја донел Основниот суд во Неготино, а по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство обвинителство во Кавадарци кое постапувало по кривична пријава од „Квир центар Скопје“.
Судот пресудил дека обвинетиот е виновен дека сторил кривично дело ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, псоред член 394-г став 1 од Кривичниот законик. Пресудата била донесена на 15 март. Со неа обвинетиот С.М. е осуден на условна затворска казна од една година, која нема да се изврши доколку тој во рок од една година од правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело.
Имено, според соопштението, обвинетиот во јули лани на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина напишал два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ заедницата во кои повикува на насилство кон оваа маргинализирана група.
Од „Квир центар Скопје“ велат дека иако уште од февруари 2014 година, со измените и дополнувањата на Кривичниот законик, говорот на омраза се кфалификува како кривично дело, пресудата на Судот во Неготино ја донел првата осудителна пресуда во судската пракса на Македонија со која се санкционира говор на омраза.
Со измените на Кривичниот законик од пред десет години се забранува и казнува говор на омраза и ширење на материјали преку интернет кои промовираат или поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз која било дискриминаторска основа.
„Според чл. 394-г ст. 1 од КЗ, за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, предвидена е казна со затвор од една до пет години за секој што ќе предизвика или ќе разгори омраза, раздор или нетрпеливост, врз некоја дискриминаторска основа, вклучително врз основа на припадност на маргинализирана група“,
потсетуваат од „Квир центар Скопје“.
Оттаму ја поздравуваат одлуката на судот, кој, како што наведуваат, демонстирал дека ги сфаќа сериозно поттикнувањето насилство и креирањето загрозувачка средина за ЛГБТИ луѓето.
„Говорот на омраза поттикнува извршување на дела од омраза, па „Квир центар’ смета дека оваа осудителна пресуда е значајна победа во нашите напори да креираме безбедно опкружување за сите граѓани, без разлика на тоа поради кој основ или нивна различност ќе бидат мета на говор на омраза или дела од омраза“, се наведува во соопштението.