Прва промоција на монографијата „Македонска поетика и стилистика“ во Задар

Во Задар, Хрватска, неодамна беше промовирана првата колективна монографија „Македонска поетика и стилистика“. Овој значаен труд е дело на автори од Институтот за македонска литература и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје: Славчо Ковилоски, Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска, Марина Цветаноска, Ема Лакинска, Трајче Стамески и Бранко Тошовиќ. Изданието, кое е под редакција на Славчо Ковилоски и Бранко Тошовиќ, е објавено од страна на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет (Грац).
На промоцијата се обратија редакторите Тошовиќ и Ковилоски, кој одржа и предавање на тема македонска книжевност. Забележливо беше и учеството на Марина Цветаноска. Особено внимание привлече говорот на Бранко Тошовиќ, професор на Универзитетот во Грац, кој нагласи дека македонскиот авторски тим прв успешно го заврши овој проект во рамките на серијата „Словенска стилистика“. Преку интензивна работа, тимот ги разгледал и формулирал основните насоки на развојот на македонската литературна метастилистика и метапоетика, кои се претставени во оваа публикација.
Тошовиќ истакна и дека објавувањето на оваа монографија надвор од Македонија, особено во Австрија, отвора можности за подобра промоција и популаризација на македонските стилистички и поетички истражувања на глобално ниво, особено во словенскиот регион и на просторите на поранешна Југославија. Монографијата е подготвена на научно ниво, со резиме на англиски, германски и руски јазик, како и со предметен индекс и библиографија.
Ова е прва монографија од ваков вид во областа на македонската литература, што ја прави пионерски обид за создавање на своевидна историја на македонската книжевност, покривајќи период од раниот среден век до денешни дни. Во периодот кој следи, планирани се промоции на изданието во градовите Париз, Мадрид и Бања Лука, а се работи на организирање на исти и во други европски центри како Загреб, Риека, Белград, Љубљана, Букурешт, и Братислава. Првите македонски промоции се очекуваат на почетокот од летото.
The post Прва промоција на монографијата „Македонска поетика и стилистика“ во Задар appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: