„Ако е точна оваа афера што излезе од пред неколку дена дека наводно има документи од најголемата опозициска партија кои докажуваат дека тие организирале центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда контра нас и дека главен, односно надлежен за таа попаганда и лажни вести е актуелниот директор на МРТ, јас мислам да почекаат додека надлежните не ја расчистат оваа афера. Можеби не е точна, можеби се тие документи фалсификат, но прво расчисти ја, па после ќе ме викаш на дебати“, рече Пендаровски од митингот во Општина Центар
Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, би прифатил предизборно телевизиско соочување каде било, под услов да учествуваат сите седуммина кандидати. Но, како што рече, со еден мал исклучок – со резерва кон Македонската радиотелевизија (МРТ).
Тој ова го кажа одговарајќи на прашања од граѓани за време на вечерашниот митинг во скопски Центар. Прашан дали планира да учествува на дебата помеѓу претседателските кандидати за која постои можност да биде одржана и емитувана на јавниот сервис, Пендаровски вели:
„Јас бев првиот што понуди дебата со сите седум учесници. Сите се легитимно утврдени како кандидати на ДИК и за разлика од некои други кандидати и кандидатки, не правев селекција меѓу нив, зашто некои од нив рекоа ‘тој да не биде’ или ‘оној да не биде’. Значи, онаа дебата на која ќе присуствуваат сите седум кандидати, ќе бидам каде и да е. Со еден мал исклучок. Ако ве слушнав добро, зборувате за МРТ. Е, тука имам резерва. Значи, ако е точна оваа афера што излезе од пред неколку дена дека наводно има документи од најголемата опозициска партија кои докажуваат дека тие организирале центар за продукција на лажни вести и политичка пропаганда контра нас и дека главен, односно надлежен за таа попаганда и лажни вести е актуелниот директор на МРТ, јас мислам да почекаат додека надлежните не ја расчистат оваа афера. Можеби не е точна, можеби се тие документи фалсификат, но прво расчисти ја, па после ќе ме викаш на дебати.“
Прашањето за евентуалното учество на предизборна дебата на МРТ заедно со останатите претседателски кандидати, кое на Пендаровски му беше поставено од вечерашниот митинг во Општина Центар, доаѓа откако тој денеска на социјалните мрежи порача дека би учестувал на дебата каде било и под какви било услови, доколку на неа учествуваат сите седум кандидати за шеф на државата.
Тој ова го објави како реакција на твитер-објавата на новинарот Боби Христов оти Пендаровски одбил да биде дел од дебата во организација на телевизија Телма.
Минатата недела владејачкиот СДСМ, објавувајќи документи, обвини оти ВМРО-ДПМНЕ направила оперативен план кој се однесува на пласирање на лажни анкети за рејтинзите на политичарите и партиите кои во изминатиот период се објавувани во емисијата „Објектив“ на јавниот сервис.
Од Македонската радиотелевизија ги отфрлија, како што ги оценија, неоснованите напади за професионалноста и објективното известување на јавниот сервис и посочија оти како и досега, така и во иднина, МРТ ќе известува точно, проверено, објективно и согласно сите етички и професионални стандарди.