Претседателката на бугарското Народно собрание, Наталија Киселова, повтори дека шансите за формирање на редовна влада на Бугарија се 50 проценти, ИТН ќе добијат и предлог за четворица министри и вицепремиер.
„Во моментов имаме осум пратенички групи, а разговорите меѓу нив се комплицирани, бидејќи се многубројни. Да бидеме реални за создавање влада. Многу е поправилно да се има редовна влада. Ресорите на можните министри на БСП биле предмет на преговори. ИТН ќе добие предлог за еден вицепремиер и четири министри, колку што беше соопштено на состанок на Националниот совет на БСП“, додаде претседателката на бугарскиот на парламентот во изјава за БНТ.
Оваа седмица е клучна за формирање на редовна бугарска влада по парламентарните избори во октомври минатата година и оттогаш осумте парламентарни партии не можат да се договорат за формирање на редовен кабинет. На изборите најмногу пратенички места освои ГЕРБ на Бојко Борисов, но и тој лично и партијата направија неколку отстапки за да се создаде стабилна владина коалиција на која претседателот на Бугарија Румен Радев ќе ѝ го додели првиот мандат. Имено, Борисов се откажа од премиерската функција, па го делегираше сопартиецот и експретседател на Собранието, Росен Жељасков, а пропадна и обидот како победничка партија да претседава со парламентот, но неговата кандидатка Раја Назарјан во десет обиди за гласање за претседател на Собранието не го доби потребното мнозинство. Во единаесетиот обид поддршка доби Наталија Киселова, професорка по уставно право на Софискиот универзитет од редовите на бугарските социјалисти (БСП).
Националниот совет на БСП вчера ѝ даде мандат на партијата со првиот мандат да учествува во владата. Сепак, одлуката предизвика потреси во поголемата формација – „БСП – Обединета левица“. Како дел од неа, нејзините членови изјавија подготвеност да ја напуштат коалицијата.
Социјалистите веќе предложија свои министри
Сепак, Националниот совет ја задолжи и пратеничката група на „БСП-Обединета левица“ да ја поддржи структурата и составот на Советот на министри и ги одобри кандидатурите на: Атанас Зафиров за вицепремиер, Иван Иванов за министер за регионален развој и јавни работи, Борислав Гуцанов за министер за труд и социјална политика, Манол Трифонов Генов за Министерот за животна средина и води, Иван Максимов Пешев за министер за млади и спорт.
„Да се води држава со социјалисти е исто како да се води детска градинка со педофили“, коментираше политикологот Георги Харизанов по повод постигнатиот договор за влада на ГЕРБ, БСП и ИТН.
-Не гледам како влада со социјалисти ќе ги ограничи надуените државни трошоци и другите проблеми, нагласи политикологот и изрази жалење што пропаднал договорот меѓу ГЕРБ и ДБ поради условот премиерот да не биде истакната политичка личност, што за него е неразбирлив услов.
Партијата „Демократија, права и слободи – ДПС“ официјално призна дека водат разговори со ГЕРБ-СДС, БСП и ИТН за формирање парламентарно мнозинство. Преку објава на Фејсбук тие известија дека разговарале за условите за нивна поддршка на оваа коалиција и за можноста за формирање парламентарно мнозинство за формирање на редовна влада. Доколку се доведат до успешна завршница, нацрт-кабинетот „Жељазков“ ќе може да смета на поддршка од четири пратенички групи, или вкупно 126 пратеници – сосема доволни за да бидат избрани.
Од ИТН сè уште не коментираат, но изјавија дека е важно државата да има редовен кабинет. Шефот на бугарската држава Румен Радев им даде малку време за преговори на политичките групи и не соопшти кога ќе го додели првиот мандат. Ако не се формира влада извесно е дека Бугарија ќе оди на седми предвремени парламентарни избори, по редовните од 4 април 2021 година, а последните предвремени избори се одржаа на 27 октомври минатата година.
Очекувањата на македонската влада
Со месеци македонската влада очекува редовен кабинет во Бугарија со кој ќе може да се преговара за уставни измени со одложено дејство и која со нови билатерални барања нема да го кочи евроинтерграцискиот процес на Македонија.
-Добро е да имаме соседи коишто имаат стабилна политичка влада. Ако е состојбата таму таква, јас не би сакал да давам коментари и да се мешам во внатрешните работи на друга држава, исто како што не сакам ни мене да ми се мешаат во внатрешните работи на мојата земја. Им посакувам да се надминат разликите и да се формира политичка влада, изјави премиерот Мицкоски на Божиќ.
Претседателката на бугарското Национално собрание три дена потоа од Софија на чествувањето „за бугарските жртви во Македонија од 1945 година“ истакна дека европската интеграција на балканските земји оди преку почитување на човековите права и копенхашките критериуми.
„Елементарните провокации може да ги влошат односите меѓу двете земји. Бугарската држава се потпира на нашите соседи да се вратат на преговарачка маса и да не остануваат на ставот дека треба да има повторни преговори, бидејќи ова е веќе повторно преговарање со Европската Унија, а не со Бугарија. Доаѓа прилично тешка година за нас – и на домашен, и секако на надворешнополитички аспект ќе има сериозни промени, но она што мислам дека е непроменливо е дека Република Бугарија се грижи за интеграцијата на нашите соседи во Европската Унија“, истакна Киселова.
Во истата прилика бугарскиот амбасадор Марин Рајков предупреди дека „денеска наследниците на луѓето кои ги масакрираа македонските Бугари се стремат кон европско легитимирање на доктрината во чие име беа масакрирани македонските Бугари“.
„Искрено и од срце сакаме да им посакаме добредојде еден ден, без разлика колку години подоцна, на нашите браќа од Република Македонија во ЕУ. Местото на РСМ е во ЕУ, но нејзиното членство е поврзано со исполнување на одредени барања. И нема пракса, нема логика после тоа да се исполнат критериумите за членство. Ова не е можно. Критериумите за членство се поврзани со човековите права. Критериумите за членство се поврзани со тоа што нашите браќа од Северна Македонија знаат што се случило пред 80 години“, рече амбасадорот Рајков по повод 80-годишнината од настанот кој во Бугарија се нарекува „Македонскиот крвав Божиќ“.
По тој повод на 11 јануари со церемонија во црквата Света Недела во Софија се обележа во спомен на „невините жртви на југословенскиот терор на Тито“ во Скопје, Велес, Штип, Прилеп, Куманово.
Два дена пред тоа, лидерот на бугарската опозициска партија „Преродба“ Костадин Костадинов инспириран од експанзионистичките изјави на новоизбраниот американски претседател Трамп повика на присоединување на Северна Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија, што наиде на остра реакција од властите во Скопје и во Киев.
Вчера во Скопје десетина македонски Бугари и годинава оддадоа почит пред спомен-плочата на „бугарската хероина“ Мара Бунева, по повод 97 години од нејзината смрт.