Преку оглас се бараат кандидати за судија од Македонија во Европскиот суд за човекови права

Во Службен весник денеска е објавен оглас за избор на кандидати од Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.

Постапката за избор ќе ја врши Комисија за избор на кандидати на Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права. Надлежностите на оваа комисија се да распише јавен оглас за избор на кандидати, да ја спроведе постапката за избор и истата по добивање на мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти на Советот на Европа, од аспект на тоа дали кандидатите ги исполнуваат условите и да достави предлог за избор на тројца кандидати за судија.

Од Уставниот суд информираат дека ќе учествуваат во процесот на селекција на кандитатите преку свој претставник во Комисијата за избор на кандидати за судија во ЕСЧП, судијата проф.-д-р Осман Кадриу.

Kандидатите мора да ги исполнуваат минимум следните услови:

Да е државјанин на Република Македонија;
Да уживаат висок морален углед;
Да ги исполнуваат условите неопходни за вршење на високи судски функции или да бидат правни стручњаци со призната компетентност (минимум 12 годишно искуство во соодветната професија);
Да бидат помлади од 65 години;
Да имаат искуство во областа на човековите права;
Активно (ниво Ц) да го владеат едниот а пасивно (ниво А) другиот службен јазик на Совет на Европа (англиски и француски);

Рок за пријавување на заинтересираните кандидати е 15 дена од денот на објавувањето на овој оглас во Службен весник на Република Македонија.

Деветгодишниот мандат на актуелниот судија на Македонија во ЕСЧП, Јован Илиевски му завршува во февруари 2026 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: