Трн: Што е пантомима?
Мето: Формалната дефиниција би била “Сѐ емитира” (smiley)
Трн: Каде си учел и дали има кај нас школо за тоа?
Мето: Имав среќа да ги имам за ментори: Александар Илиев, Војо Цветановски и Трајче Ѓорѓиев – неформално (не верувам многу во диплома, повеќе во прагматичен пристап. Кај нас нема катедра за пантомима, најблиску се наоѓа “Натфис” во Бугарија каде горе спомнатиот Александар е декан.
Трн: Има луѓе што сѐ им се чита на лице, кога се тажни, кога се среќни и воопшто се доста експресивни, дали тие луѓе имаат предиспозиција да станат пантомимичари ?
Мето: Во Врање работиме со заедница од глувонеми лица, од нив се очекува природно да им доаѓа физичкото изразување, меѓутоа пак се потребни фокус дисциплина и љубов кон уметноста за да изгледа тоа хармонично и сликовито
Трн: Може ли да се живее од оваа професија кај нас?
Мето: Може доколку се приспособува артистот на времињата и се надоградува.
Трн: Која емоција ти е најтешка да ја донесеш пред публиката ?
Мето: Најтешко ми е да го одржам ентузијазмот и хуморот кога во приватниот живот ми се случило нешто трагично.
Трн: Пред која публика ти е најубаво да настапуваш ?
Мето: Пред децата се разбира бидејќи најлесно им ја рефлектирам искрената љубов и енергија која ми ја проектираат и можам неуморно да перформирам
Трн: Што сакаш да постигнеш со пантомимата ?
Мето: Да бидам разбран без јазични бариери, да доловам емоции кај публиката, да им ја разбудам имагинацијата и разубавам денот полн со дистракции и апатија. Да се биде пантомимичар би значело да имаш контрола и флексибилнсот на своето тело, да ти тече во глава цела онаа приказна што ја имаш склопено во главата и да го искористиш телото како медиум за да ја пренесеш пораката на најјасен начин. Доколку нешто не е доволно јасно ќе се појави пречка во комуникацијата и пораката нема да биде јасна.
Трн: Дали е потребен талент за да се занимаваш или е нешто што можеш да го научиш?
Мето: Сепак бара почетен талент за да ја одржи конзистентноста и упорноста при совладување на вештините за говорот на телото, чувство за ритам и многу физичко движење.
Преку пантомимата јас тежнеам да ја постигнам слободата во професијата, инспирацијата од светот и искуствата креативно да ја прикажам преку приказни- етиди. Да наметнам професија по мои стандарди, во однос на работни часови и професија која решава проблем – да измами насмевка на туѓите лица и сподели љубов. Така би се дефинирал – медиум кој абсорбира љубов и ја пренесува на останатите.
Трн: Дали треба да имаш емоционална интелигенција на високо ниво за оваа професија ?
Мето: Да, бидејќи во многу наврати ќе се запрашате дали треба да си најдете регуларна (сериозна) работа. И да сфатите дека туѓото мислење за вас не е ваша работа – вие сте тука да пренесете порака зад која искрено стоите.
Трн: Се претстави со претставата „Скопје 63“, получасовна пантомимска игра посветена на катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, работена по сценарио и режија на Трајче Ѓорѓиев, можеш да ни кажеш за тоа искуство ?
Мето: Чест и задоволство беше да соработувам со прекрасниот човек, артист и режисер Трајче Ѓорѓиев. Со таа претстава настапував на фестивалот Панфиз и во неколку градови низ Македонија. Во претставата се зборува за карактер кој директно поминува низ трагичните случувања за време и по земјотресот во Скопје во 1963та. Се доловува емотивната состојба од ентузијазам, трагедија и оптимизам со нов почеток и обнова. Се надевам дека во скоро време ќе ја вратам на сцената за да го негувам убавиот спомен на мојот ментор, колега и пријател Трајче.
Постои и Светски ден на пантомимата, познат и како Меѓународен ден на пантомимата – ден посветен на мимиката, пантомимата, немиот филм и невербалната комуникација, кој се одбележува на 22 март, денот на раѓањето на познатиот француски глумец и мимичар Марсел Марсо. Според Светската организација на пантомимичари, со овој ден пантомимата се празнува како “јазикот на мирот”.