Премиерот Заев во посета на Бугарија

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев денес ќе престојува во Република Бугарија, каде ќе се сретне со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Како што соопштуваат од владината прес-служба на средбата ќе стане збор за развојот на соработката во разни сектори, проекти во областа на инфраструктурата и транспортот, како и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Во делегацијата која ја предводи премиерот Заев ќе бидат и министерот за култура, Асаф Адеми, како и националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски.
Програмата на посетата започнува со заедничко положување на венец пред спомен-бистата на Гоце Делчев во градскиот парк “Борисова градина” по повод 147-годишнината на неговото раѓање. Венците ќе ги положат министерот за култура на Република Македонија и Република Бугарија.
За време на посетата министрите за култура на двете земји, Боил Баново и Асаф Адеми ќе потпишат “Програма за соработка во областа на културата” меѓу Република Бугарија и Република Македонија.

Пронајдете не на следниве мрежи: