Синоќа претседателот на Владата, Зоран Заев, и претседателот на државата, Стево Пендаровски беа гости на ифтарска вечера организирана од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, по повод светиот месец Рамазан. По завршување на вечерата, премиерот Зоран Заев се обрати пред присутните, а на организаторите им се заблагодари за поканата.
– Најважниот и најсветиот месец во духовниот живот на припадниците на Исламот повикува уште еднаш да ги афирмираме вредностите на простување и сочувствување, на толеранција и на почитување на другите. Рамазан е и празник кој не учи дека сите имаме должност да им помагаме на другите, да реагираме и да помагаме да се исправи неправдата, ако му е некому нанесена. Да го даваме најдоброто од себе за да создаваме заедница во која сите сме еднакви. Наша должност е да си служиме и да си помагаме едни на други. Овие вредности се испреплетуваат низ сите вредносни системи на различните верски традиции во нашата земја, рече Заев.