35-годишната Софи Прана живее на Бали, Индонезија, а тврди дека пред една година престанала да консумира вода, а внесува течности само од овошјето и зеленчукот.
Таа пости секој ден по 13 до 14 часа, кога воопшто не консумира храна и вода, туку внесува само “жива вода” од сокови и кокосово млеко. Софи тврди дека со тоа ги решила сите свои здравствени проблеми како воспалени зглобови, црвени и отечени очи, алергија на храна, проблеми со кожата и желудочни тегоби.
“Лицето и зглобовите ужасно ми отекуваа, а поради тоа изгледав болно. Лекарите ми велеа дека сум добро и дека проблемот со отечени очи може да се реши со помош на операција. Тогаш една пријателка ми препорача да постам и се одлучив да го испробам тоа. Отоците започнаа нагло да се намалуваат и навистина бев подобро”, рекла Софи.
Тврди дека водата, без разлика дали е од чешма или флаширана, ги оптоварува бубрезите и предизвикува надуеност.
Првиот месец од постот ѝ бил тежок бидејќи устата ѝ била сува, а мозокот постојано ѝ велел дека ѝ треба вода. Таа верувала дека всушност не ѝ треба вода и дека е доволно хидрирана – сè што било потребно е да го научи мозокот на новиот начин на исхрана. Најдолго што издржала без вода било 52 часа, но Софи се надева дека ќе ја постигне својата цел – 10 дена без вода.
Пред постот, 35-годишната Прана била поборник на уринотерапијата – таа ја пиела својата урина за да ги намали болките во желудникот и да го подобри здравјето на кожата. Сите свои терапии, диети и сопствени режими на исхрана ги споделува и на својот Јутјуб канал.
Но, лекарите и научниците не се согласуваат со ваквиот начин на живот бидејќи сметаат дека дехидрирањето на организмот е опасна работа. Само три дена без вода може да го убие човекот бидејќи водата го чисти телото од токсични материи, а не постојат никакви докази ниту истражувања дека дехидрирањето има позитивни влијанија.