Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска попладнево е изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје како осомничена во случајот „Адитив“ и за неа обвинител од ОЈО за организиран криминал и корупција вечерва ќе бара мерки за претпазливост.
Тоа значи дека обвинителот ќе бара да ѝ се одземе не само македонскиот пасош, туку и дипломатскиот пасош кој неа ексклузивно ѝ беше даден од Министерството за надворешни работи. Притвор нема да се бара за неа.
Како е поврзана Димитровска со „Адитив“, не е познато. Обвинителството најавува информации дури за утре.
Во нејзината биографија стои дека таа од 2004 година работи како ревизор во Државниот завод за ревизија, се до нејзиниот избор за член на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Покрај Димитровска, во рамките на предметот „Адитив”, од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште две лица.
Акцијата за апсење во предметот „Адитив“ почна лани во ноември. Главен осомничен е поранешниот директор на Васко Ковачевски, кој е во бегство. Беа извршени 77 претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје.
„Во период од 13.04.2023 до 23.08.2024 година, дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД ‘Пошта на Северна Македонија’, создале група која имала за цел вршење на кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл.273 од Кривичниот законик. Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка“, стои во наредбата за истрагата.
Повеќе ТУКА
The post ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ИЗВЕДЕНА ПРЕД СУДИЈА ЗА ПРЕТХОДНА ПОСТАПКА, ОСОМНИЧЕНА ВО ПРЕДМЕТОТ „АДИТИВ“ appeared first on 365.mk.