Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, испрати остри пораки до Соединетите Американски Држави, обвинувајќи го американскиот претседател дека, како што тврди, изнесува низа невистини и предупредувајќи за можни последици за глобалниот сообраќај низ Ормутскиот теснец.
Во објава на социјалната мрежа X, Галибаф изјави дека американскиот претседател изнесе „седум тврдења за еден час, од кои сите седум беа лажни“, велејќи дека, според него, „таквите лаги не ја добија војната, ниту ќе постигнат нешто во преговорите“.
Зборувајќи за Ормускиот теснец, низ кој минува значаен дел од светската трговија со нафта, Галибаф предупреди дека продолжувањето на блокадата може да има сериозни последици.
„Со продолжување на блокадата, Ормутскиот теснец нема да остане отворен“, рече тој.
Тој додаде и дека во иднина преминувањето низ теснецот ќе биде можно само преку „одредени правци“ и со „одобрување од Иран“, нагласувајќи дека правилата за управување со оваа поморска рута ќе бидат утврдени „на терен, а не на социјалните мрежи“.
Галибаф се осврна и на информативниот аспект на конфликтот, нагласувајќи дека медиумската војна и обликувањето на јавното мислење се важен дел од современите конфликти.
„Медиумската војна и инженерството на јавното мислење се важен дел од војната, но иранскиот народ не е подложен на овие трикови“, рече тој, упатувајќи ја јавноста да бара „вистински и точни информации за преговорите“ во неодамнешното интервју со портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи.
The post Претседателот на иранскиот парламент: Трамп изнесе седум тврдења, сите седум се лаги appeared first on Во Центар.



