Манифестацијата наречена „Недела на македонската култура“ претставува повеќе од обична културна средба. Тоа е симбол на жива комуникација меѓу две пријателски нации, градење на мост кој ги поврзува и зближува. Културата говори и нема граници – преку изложби, театарски претстави, музички настани и дегустации на македонските вина, се отвора македонското срце пред албанската публика, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков. „Недела на македонската култура“ започна синоќа и ќе трае до 30 април во Тирана. Основната идеја е промоција на културното, туристичкото и економското наследство на Македонија. Љутков, кој присуствуваше на отворањето на овој значаен настан, истакна дека кога се зборува за култура, тоа не се однесува само на традицијата, уметноста или културното наследство, туку на идентитетот, вредностите и визијата. Настанот е организиран од македонскиот Културно-информативен центар и Амбасадата во Тирана, со поддршка на Министерството за култура и туризам, албанското Министерство за економија, култура и иновации и Општина Тирана.
Како што истакна Љутков, културата не само што не создава бариери, туку ги руши предрасудите и обединува народите. Тој упати благодарност до Владата на Албанија за нивната посветеност и за поддршката во процесот на враќање на 20-те вредни икони што се дел од македонското духовно и културно наследство. Вистинска инвестиција на владите и институциите е вложувањето во меѓусебно разбирање и културен дијалог, бидејќи тоа е основата за стабилен Балкан и силна Европа, додаде Љутков. Тој нагласи дека истински стабилен и развиен Балкан може да се постигне само преку културно запознавање, размена на традиции и споделување на заеднички вредности.
Љутков изрази благодарност и нагласи дека македонската заедница во Албанија одигра значајна улога како поврзувачка сила меѓу двете нации. Нивната улога во зачувување на јазикот, традицијата и културниот идентитет е високо ценета и ќе продолжи да се поддржува. Оваа манифестација е доказ дека културата нè води напред – со достоинство, автентичност и отвореност, рече Љутков.
„Неделата на македонската култура“ беше инаугурирана со концерт на пијанистката Ема Попивода и диџејот Реа Лемнуша во концертната сала на православната црква. На 25 април, во културниот центар НОБИС ќе започне изложба на македонска традиционална облека, а следниот ден, на локацијата позната како „пирамида“, ќе се одржи дегустација на македонски вина. На 30 април, во театарот „Артурбина“ ќе биде изведена претставата „8 отсто“.
The post Претставување на македонската култура пред албанската публика appeared first on 365.mk.