Приведени се две лица за убиството на лекарот во Железара


Министерот додаде дека според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата

Приведени се две лица во врска со убиството на лекарот во скопската населба Железара, во овие моменти се врши претрес на една локација, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски гостувајќи во поткастот „Претрес“.

Тој посочи дека се преземени 20 истражни дејствија и дека за овие седум дена се прегледани над над 50 камери, односно видеозаписи.

„Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои нѐ водат до овие осомничени, две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија“,

изјави Тошковски.

Министерот додаде дека според првичните наоди, мотивот за убиството не е поврзан со професијата.

Минатата недела 67-годишен лекар од скопската населба Железара беше пронајден избоден до смрт во неговиот автомобил паркиран во парк во близина на поранешната фабрика „Железара“.

Како што информираа од МВР, лекарот имал приватна ординација во поликлиниката „Железара“.

Неговото безживотно тело, како што информираа од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: