Претседателката на Антикорупциска, Димитровска, за ТВ Телма, покрај тоа дека приговорот е примен, изјавила и дека веќе се почнати постапките по него предвидени за изборен период, а кои се побрзи од вообичаено. Таа соопштила и дека во ДКСК имаат уште две претставки во врска со Академијата за судии и јавни обвинители кои се споени во еден предмет
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, за ТВ Телма потврдила дека во институцијата бил примен приговорот на претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ за кршење на изборните правила.
Имено, како што соопшти денеска Силјановска-Давкова, приговорот се однесува на тековното полагање на 299 луѓе на Академијата за судии и јавни обвинители, со образложение дека, според закон, статусот слушател на Академија значи заснован работен однос со Академијата за периодот од почетната обука до избор за судија или за јавен обвинител.
Според Силјановска-Давкова, тековното полагање во Академијата е незаконско вработување во предизборие.
„Од страна на Академијата за судии и јавни обвинители на 29.3.2024 г. на веб-страницата објавен е распоред за полагање на квалификацискиот тест во периодот од 1 до 4 април, кој тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што Академијата in flagranti ги прекршува член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и членовите 8-а став 1 алинеја 3 и 2 и став 1 точка 29 од Изборниот законик“,
се вели во образложението на приговорот.
Претседателката на Антикорупциска, Димитровска, за ТВ Телма, покрај тоа дека приговорот е примен, изјавила и дека веќе се почнати постапките по него предвидени за изборен период, а кои се побрзи од вообичаено.
За најдоцна до среда таа најавила дека ДКСК ќе одржи јавна седница за да донесе одлука.
Димитровска соопштила и дека во ДКСК имаат уште две претставки во врска со Академијата за судии и јавни обвинители кои се споени во еден предмет.
Ако се погледне веб-страницата на Академијата, јавно достапно е соопштение објавено на 4 април, со кое се соопштуваат резултати од квалификациски тест, а на 5 април се објавени одговорите од тестот спроведен на 4 април.
Силјановска-Давкова смета дека со одлуката на Собранието за распишување избори од 14 февруари, законските забрани важат за сите државни органи, вклучително и за Академијата за судии и јавни обвинители.
Инаку, ДКСК е должна во рок од пет дена по поднесен приговор, на јавна седница, да ги испита наводите и да се произнесе за случајот откако претходно ќе побара објаснување од Академијата за судии и јавни обвинители.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена на прес-конференција прашаа:
„Дали за Академијата за судии е поважен Изборниот законик или можеби им е поважен Мики Крстев од СДСМ, заменик-министерот за локална самоуправа да полага испит со малверзации во време на распишани избори?!
Дали за директорката Габер-Дамјановска е поважно владеењето на правото од желбата на внуката на Рамиз Мерко, Ерканда Баута, да стане обвинителка во струка со незаконито полагање на тест во изборен период?!
Дали Александар Глигоров, син на Емил Глигоров, претседател на судот во Струмица од СДСМ, со ваков писмен наместо електронски испит ќе има максимални 100 поени? Дали Дитмире Шеху, член на ДИК од ДУИ, ќе има 100 поени на писмениот тест? Може и Фуркан Фета, асистент на ДУИ во Собранието и близок пријател до раководството, ќе освои 100 поени на ваков тип на полагање. Секако и Дарко Герамитчиоски, советник на СДСМ во Општина Прилеп, веројатно ќе има 100 поени на писмен тест прегледуван од човек, наместо електронски.“